26. октобра 2020.

RADIOAMATERSKI INFORMATOR

PRIJATAN BORAVAK ŽELI VAM ADMINISTRACIJA SAJTA

Corona Virus

01.10.2020 Денешниве 1.350 тестирања не се баш многу, затоа да не ги потценуваме и релативизираме новите 161 случаи. Полека ама сигурно сепак забрзуваме.
Забрзувањето го гледаме како преку подвижните средини на дневниот број на случаи (зелената линија на дијаграмот на втората слика), потоа преку графикот на базичниот репродукционен број R0 (сината линија на дијаграмот на третата слика, која никако да се спушти под единица веќе 3 недели, иако за среќа не оди многу над единица), а особено подмолен е растот на стапката на позитивните тестови (дијаграмот на четвртата слика). Седумдневната просечна стапка неделава веќе се искачи над 10% (поточно 10,32%), највисока вредност уште од 20 јули. Ова покажува дека има се повеќе инфицирани (активни случаи) во популацијата, кои се извор за понатамошно ширење на заразата по пат на контакти. Можеби токму овој бавен раст прави да не го перципираме како опасност и да мислиме дека ова не е некоја голема работа, која ќе помине самата од себе. Тоа е ефектот на сварена жаба, која не бега ако ја ставиме во млака вода и постепено ја загреваме. Можеби ако имаше резок скок во бројот на новите случаи реакцијата на властите ќе беше посилна, како што жабата бега ако ја фрлиме во врела вода.
Бројот на хоспитализирани исто така продолжува да расте и денеска достигна 357, не сметајќи ги суспектните во болницата во Козле.
Ништо, седиме, гледаме и чекаме, да видиме дали еднаш ќе се разбудат и ќе кажат дека е доста.
02.10.2020 225 Новодијагностицирани и 6 починати, но тоа не е се – што би рекле во Топ-шоп рекламите – забрзувањето трае и растот е далеку од завршен.
Уште пред десетина дена тука беше најавен почетокот на третиот пик, а сега веќе го гледаме во полн развој. Седумдневниот просек е 145,7 нови случаи на ден, но од денешните 225, ни 300 не се толку многу далеку. До таму нема да стигнеме за 3-4 дена, но доколку не се преземе нешто, секако ќе стигнеме и до таму во текот на есента.
14-Дневната кумулативна инциденца продолжува да расте без застанување и денеска изнесува 93,6 на 100.000 жители, со што сме практично вратени на ниво на лошите денови во јуни и јули. Но, за разлика од јуни, кога е надевавме на намалување поради летото, сега времето работи против нас. Рекордната 14-дневна кумулативна инциденца од 104,2 од 20 јули многу веројатно дека ќе биде скоро достигната и надмината.
Понатаму, денешната стапка на позитивни тестови е 13,28%, вредност типична за јули, но 7-дневната стапка заклучно со денеска веќе достигна 10,99% (на дијаграмот на третата слика). Денешните 225 случаи се втор најголем број на новодијагностицирани од почетокот на епидемијата во Македонија, за жал постигнат при само 1.694 тестирања. Доколку беа извршени повеќе од 2.000 тестирања, денеска многу веројатно ќе видевме и преку 250 нови случаи. Но, есента и зимата се пред нас, па допрва ќе гледаме се и сешто. Само малиот капацитет на тестирања не спасува од поголеми дневни бројки, но истовремено токму малиот број на тестирања остава многу неоткриени случаи коишто уште побргу ќе ја шират епидемијата. Згора на се, самото население не е дисциплинирано и му одмогнува на целиот процес.
Единствено растот на бројот на активните случаи (како и прогнозите за раст) не се многу стрми како во јуни, што се поврзува со вредностите на базичниот репродукционен број R0 коишто не се многу поголеми од единица. Ако така остане и понатаму, болниците бавно ќе се полнат (како и до сега) и здравствениот систем нема да биде пренапрегнат. Арно ама, зимата не си го кажа последниот збор…
03.10.2020 Ако е за некаква утеха, денешниот број на новодијагностицирани е 243
Како и да е, 243 е голема дневна бројка и изгледа како дури сега да започнува вистинскиот јуриш кон третиот пик. На фазниот портрет I-T (активни наспроти вкупно случаи, на втората слика) забелечуваме дека поледните три сини точки (последните три дена) се прилично раздалечени, а бројот на активни случаи започна брзо да расте, исто како што се случи на стартот на вториот пик, некаде околу случајот бр. 2500.
Фундаменталната, а не чисто техничката анализа (само со гледање на графиците) има објаснување зошто ситуацијата допрва ќе се влошува. Ако го погледнеме графикот на стапката на позитивните тестови (црвената линија на дијаграмот на третата слика) гледаме дека таа постојано расте од ден на ден, што значи дека во целата популација има се повеќе заразени, коишто се потенцијални заразувачи на нови лица во наредните денови. Второ, растот на стапката на позитивните случаи кажува дека со постоечкиот просечен дневен број на тестирања (просечно по 1.388 во последниве 20 дена) епидемиолошките служби не успеваат да држат чекор со растот на бројот на нови случаи (односно не можат да се справат со неразбраниот народ). Бидејќи не можат да врачат доволно решенија за изолација и да ги „извадат од игра“ се поголемиот број на заразени, а неоткриени случаи, секој нареден ден бројките само ќе растат, односно епидемијата ќе забрзува. Ова се гледа и според графикот на базичниот репродукционен број R0 (на четвртата слика), којшто веќе достигна нивоа последен пат видени во јуни, со тенденција на понатамошно зголемување.
Да кажеме збор-два и околу предлогот на комисијата за заразни болести за затворање на сите продавници и угостителски објекти во недела, како и скратување на работното време во ноќните часови. Затворањето во недела би можело да биде компензација за намалениот број на тестирања во недела, кога вирусот непречено се пренесуваше заради намаленото откривање. Ноќното затворање, пак, на перманентна основа го намалува просечниот број на контакти меѓу луѓето (Nk во формулата за дневниот број на нови случаи која ја видовме порано) и на тој начин придонесува за намалување на бројот на новозаразени. Се разбира, тоа е компромисно решение, бидејќи нашите власти многу пати го искажаа ставот дека немаат намера да воведуваат локдаун заради поефикасно намалување на преносот на вирусот. Ова воедно би било објаснување за тие што мислат дека нема потреба од никакво скратување на работното време на кафеаните бидејќи, нели, „вирусот работи и ноќе“. Значи, се работи само за парцијално поднамалување, за да им се даде шанса на епидемиолошките служби преку тестирања да ги откриваат и изолираат заразувачите. Но, доколку ни тоа не биде доволно и ситуацијата ескалира (што не е невозможно сценарио), тогаш локадаунот ќе остане последниот избор.
Всушност, ако дојдеме до локдаун ќе знаеме дека здравствениот систем веќе колабирал и постоечките „меки“ стратегии, базирани на превентивни, а не рестриктивни мерки – крахирале. Кој пат ќе го фатиме – од нас зависи, поточно од нашата дисциплина и сериозност.
04.10.2020. Новото нормално неделава можеме да го опишеме со бројка: просечно 165,9 новодијагностицирани на ден, со тенденција на понатамошен раст.
Деновите на смирување на епидемијата се дефинитивно зад нас, а 8 септември е пресвртната точка (минимумот на зелената линија на дијаграмот на втората слика) кога од намалување постепено преминавме во наголемување на дневните бројки на нови случаи, се разбира во просек. Црвената линија го прикажува моделот на експоненцијална регресија, од каде што јасно се гледа забрзувањето.
На истиот дијаграм уште гледаме дека започнувајќи од 30 август во понеделниците и вторниците редовно имаме многу мал број на тестирања, особено во државните лаборатории. Од таа дата наваму графикот изгледа како некаква шуплива решетка, додека тоа порано не беше случај. Зошто порано можело да се тестира а сега не може? Дали штедат на дневници за вработените, дали штедат на тестови или просто државата кренала раце од справувањето со епидемијата? Речиси истовремено болницата 8 Септември излезе од ковид-системот, што дава основа за ваква претпоставка. Инаку, интензивното тестирање е многу важно за рано откривање на контактите на заразените, нивно ставање во изолација и превенција на понатамошно заразување. Последниве недели, наместо да се засили, тестирањето е намалено. Ова намалено тестирање секако има свој удел во забрзувањето на епидемијата.
Забрзувањето уште го гледаме на дијаграмот на факторите на раст на дневните промени на дијаграмот на третата слика. Не само што се поголеми од единица (што самото по себе претставува забрзување), туку уште се движат во нагорен коридор, прикажан со парот зелени линии. Ваква ситуација последен пат видовме после рамазанското попуштање на мерките и видовме до каде стигнавме. Не мора да значи дека повторно ќе видиме толкав раст, но тоа најмногу зависти од здравствените власти и државните мерки. Без нив речиси извесно е дека ќе достигнеме, па и надминеме 300 случаи на ден во текот на октомври.
На дијаграмот на четвртата слика ги гледаме решенијата на диференцијалните равенки на динамиката на епидемијата во Македонија. Забележуваме како вкупниот број на дијагностицирани се побргу искачува, односно зелената линија на четвртиот дијаграм има се поголема стрмина. Од друга страна, сината линија, која го покажува двињето на бројот на оздравените и починатите (затворените случаи) се уште нема толкава стрмина. Поточно, ја има стрмината на зелената линија од пред 19 дена, просечното време од отворање до затворање на случаите. Во наредните две недели, додека не започне поинтензивното затворање на случаите од третиот бран (сината линија ќе фати чекор со зелената), ќе имаме дневен вишок на отворени над затворените случаи, што претставува нето раст на бројот на активни случаи. Нивниот број особено брзо расте последниве 3 дена, што значи дека дури сега започнува вистинското искачување на третиот врв.
Ќе биде интересно да се види дали најновите мерки на владата за забрана на живите свирки во кафеаните и стишување на музиката ќе даде некакви резултати. Стишувањето на музиката би требало да доведе до говор со помалку викање и помало расејување на капки, но во отсуство на мерката за задолжително носење маски во секаков затворен простор (вклучувајќи ги кафеаните) можно е ефектите да бидат ограничени, да не кажам занемарливи.
Кафеаните се еден од најголемите (ако не и најголем) извори на зараза и се додека се толерира неразумното однесување во нив (а какво да биде поинакво, кога таму воглавно се продава лудило, т.е. алкохол) тешко дека ќе видиме подобрување. Она што може да го направи секој мислечки човек е да прстане да влегува во затворени кафеани и на тој начин да придонесе на намалувањето на гужвите и ширењето на вирусот.
Секогаш треба да се има на ум дека ТОА ШТО КАФЕАНИТЕ РАБОТААТ НЕ ЗНАЧИ ДЕКА СЕ И БЕЗБЕДНИ.

 

07.10.2020. При висок дневен број на тестирања (1.990), висок процент на позитивни тестови (15,93%) резултатот е рекордно висок број на новодијагностицирани (317). Се оствари вчерашното стравување дека и базичниот репродукционен број R0 нема да се намали и дека вирусот ќе продолжи со ширење по геометриска прогресија.
Сега веќе и затворањаето на кафеаните не е повеќе доволно. Дури да ги затворат и сите до една, на вирусот тоа повеќе ништо не му значи. Тој е веќе во толку широка циркулација што веќе се шири и меѓу познати и непознати контакти насекаде, а не само во кафеаните. Таа мерка имаше смисла пред 2-3 недели, а сега ништо помалку од локдаун повеќе не помага. Веројатно и властите чекаат 14-дневната кумулативна инциденца да надмине 120 на 100.000 жители (денеска изнесува 113,7 на 100.000, на дијаграмот на третата слика) за да започне со порестриктивни мерки. Беа максимално толерантни, не може да им се забележи за трпението, но што е многу – многу е. Штом надминеме 120 случаи за 14 дена на 100.000 жители ќе се приклучиме на малото друштво најзагрозени европски држави кои, патем речено, веќе прогласиле локдаун на дел или на целата своја територија.
Епидемијата започнува да ескалира, а денешните бројки пристигнаа многу рано, уште на почетокот од неделата, а до недела може да се случи се и сешто. Високиот репродукционен број при високо дневно темпо на новодијагностицирани веќе секојдневно додава многубројни активни, но и хоспитализирани случаи. Доколку во јули ВФ не убедуваше дека 425 хоспитализирани не се премногу во ковид системот кој располага со 900 постели, сега оптимизмот како да му бледее. Со излегувањето на болницата „8 Септември“ од ковид системот бројот на постели веќе е намален на 700, а импровизираните полски болници по градовите се уште не се подигнати. Дури и да ги подигнат, квалитетот на лекувањето нема да биде како во „8 Септември“. Човековите ресурси исто така се во постојан пад. Читаме за секојдневните оставки и откази на медицинскиот персонал, охридската болница не сака да прима стружани, а скопските болници не сакаат да примаат прилепчани постари од 40 години. Сето ова кажува дека здравствениот систем веќе работи на граница на стабилност, односно не сме многу далеку од италијанското сценарио, а есента дури вистински ни не започнала, камоли пак зимата.
Што можат да направат нашите власти во вакви околности освен локдаун? Да продолжат со апели? Да затворат по некое маалско кафуле? Да се молат на Бога вирусот да се смилува на ова мало несреќно државче?
Иако неделната стапка на леталитет моментално е 3,59% и истата е пониска од вкупната стапка од почетокот на епидемијата (4,34% од сите дијагностициани 8 дена порано), големите бројки на дијагностицирани во неделите што доаѓаат ќе донесат многубројни смртни случаи. Допрва ќе имаме многу денови со 10 и повеќе смртни случаи на ден, а ќе има и денови (таканаречени статистички аутлаери) со по 15-20 починати. Но што ако и стапката на леталитет се покачи од сегашните 3,59% на 9% и повеќе, колку што имавме во пролетта? Дали и тогаш на населението ќе му биде до забава и полни кафеани?
Обрачот околу секој од нас се повеќе ќе се стеснува. Нема повеќе да биде доволно ни ако самите водиме сметка за превентивните мерки бидејќи вирусот ќе биде во толку широка циркулација, што ќе го има во сите затворени простории каде се собираат неколку луѓе. Со секој изминат ден ситуацијата само ќе се влошува, рестриктивните мерки повеќе не треба да се чуваат само за „зор заман“.