Секојдневно се прави реорганизација на болничките капацитети како би се одговорило на потребите на граѓаните. Министерот за здравство посочи дека отворањето на модуларните болници се од голема важност бидејќи го зголемуваат капацитетот на инфективните одделенија во цела држава што е од клучна важност во овој период.

Министерот најави дека масовната вакцинација на населението ќе започне или со вакцината на АстраЗенека или со кинеските вакцини, а ќе биде објавено кога со сигурност ќе има информации дека тргнале вакцините кон нашата земја.

Во однос на мерките, министерот рече дека на почетокот на следната недела ќе бидат видливи резултатите од воведувањето на полицискиот час од 22 до 5 часот наутро. Владата е подготвена, вели Филипче, да воведе и дополнителни рестриктивни мерки доколку сегашните не ги дадат посакуваните резултати. Тој претходно вчера кажа дека следните рестриктивни мерки за кои размислува Комисијата за заштита од заразни болести, доколку дневните бројки на новозаболени растат, се продолжување на полицискиот час и скратување на работното време на угостителските објекти. Дали се неопходни, ќе се одлучува в понеделник.