СРЕЌА ШТО ИЗЛЕГОВ
Се стрчав кон излезот. Дишев толку силно што не ни завележав дека испуштам звуци и крици од страв. Ја отворив вратата и заминав без да ја затворам. Не го ни свртев погледот наназад. Само талкав низ мислите. Одев, одев, одев… без да застанам. Се сетив на секој детал. На секоја измама. На секоја одсутна ноќ, на секоја надмерна тежина, на секоја сенка, збор, среќа … ако воопшто постоела. Во безизлез сум! Во искушение! Во замка! Ме вознемирува тресокот од гнев. Постојано ме бутка на дното од приказната. А јас само, сакам да заборавам колку наивно бдеев над јазолот. Колку нестварно си ги прекршив сите правила на сооственото јас. Ја криев, ја негував, ја оправдував секоја човечка постапка за на крајот да се пронајдам во центарот на огништето, сама со милион неостварени соништа.
Како теретен воз со безброј информации тргнав кон патот што се вика молчење. Тоа беше цената за мирна совест. Тоа беше мислата со која се стрчав кон излезот. Вратата е сеуште отворена… знам дека овој пат некој друг ќе ја затвори. Иднината ќе стави печат на секое злодело. Можеби ќе биде засекогаш. Можеби ќе биде привремено. Но… ќе се слушне тресокот низ целиот град. Како камбана која создава грмотевици со својата моќ.
Дишењето ми стивнува кога ќе се гушнам себе си. Се ослободив од ѓаволот и се претворив во самовила. На себе имам ремен од чиста совест, круна од лаванда за да создавам спокој и наметка од радост за да ги усреќам оние што ги сакам. Мирисам на живот и надеж. Тоа е најскапото уметничко дело што го поседувам и го носам секој пат кога ќе погледнам кон излезот. Среќа што излегов. Да останев, сигурно до сега ќе бев жив мртовец. Ќе продолжев да молчам за се’ што никогаш не го одобрував, а сега молчам зошто знам дека Бог ги казнува грешните. А Јас? Јас ќе и дадам шанса на љубовта. Со неа можам да дишам и кога нема кислород. Со неа можам да го создадам и бесценетото. Со неа можам да продолжам да молчам до бесконечност.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

You cannot copy content of this page