03.04.2021. Врвот на тековниот бран можеби ќе дојде и малку порано од предвидениот рок, 15 април. Всушност, некои градови веќе се на врвот (Скопје) или веќе го поминале (Неготино, Кавадарци, Охрид, Прилеп). Во основа, тоа се градовите каде што и започнал бранот од британскиот сој на вирусот. Во градовите каде што најдоцна дојде до разгорување на епидемијата (од поголемите градови Битола, Куманово, Штип, Кичево и Струга) врвот не е ни на повидок и таму максимумот најверојатно ќе дојде во втората половина на април. Поради овие разлики во динамиката помеѓу општините, сепак збирно гледајќи, пикот на заразувањето на државно ниво би требало да се случи до 15 април.
На дијаграмот на дневниот број на нови случаи (на првата слика) веќе се забележува постепено намалување на стрмината на седумдневната подвижна средина (портокаловата линија), што претставува јасен знак дека сме поминале околу 90% од угорницата. Опаѓа и репродукциониот број, чиј седумдневен просек денеска изнесува Rt = 1,08 ± 0,39. Јасно е дека бројките не можат повеќе да го следат она пеколно темпо на раст за време на издигнувањето на бранот.
Ако го разгледаме дијаграмот на десезонираните дневни броеви (на втората слика), каде што е исклучено влијанието на денот во неделата, односно променливиот број на тестирања, испаѓа дека бројките се практично веќе на врвот. Денешниот број на нови случаи беше за околу 50 помалку од средно предвидената вредност за денеска, благодарение на што кривата веќе се свиткува. Доколку овој тренд продолжи, наредната недела можеби ќе го видиме пикот и кај останатите индикатори. Трендот е се уште силен, така што не може нагло да ја смени насоката за надолу, па затоа ќе гледаме високи бројки барем уште 10-15 дена.
Денешниот број на тестирања (4.920) е вториот највисок досега, но добро е тоа што не е поставен нов рекорд, затоа што овој број е показател на експонираноста на лицата на вирусот. Стапката на позитивни тестови се уште покажува нагорен тренд, но како веќе да покажува знаци на исцрпеност.
Фазниот портрет I-T (активни наспрти вкупно случаи, на третата слика), којшто е природно измазнет без никакви дополнителни математички израмнувања, исто така покажува извесно забавување на растот кај бројот на активните случаи. Зелената крива, којашто го покажува реалниот број на активни случаи, со исклучено трупање на случаите поради задоцнето затворање, можеби најубаво го прикажува доаѓањето на пикот. Додуша, овој индикатор не изгледа толку оптимистички како претходните два. Инаку, повторно се појавува проблемот со задоцнето затворање на случаите (просечното време на затворање се поткрена од нормалните 19 дена на 22), поради што имаме и нереално висок број на активни случаи (сината линија), но засега ништо претерано (како што имавме од случаите бр. 50.000 до 90.000 есенва и зимава).
Можеби најзагрижувачки стојат работите со хоспитализациите. Се поширок е јазот помеѓу потребите (бројот на активни случаи помножен со нормалната стапка на хоспитализација од околу 11%), прикажано со жолтата или црвената линија и остварените хоспитализации, прикажано со сината линија на четвртиот дијаграм. Иако во овој бран процепот меѓу овие две линии не е толку широк како во есента, сепак не е за занемарување. Затоа и опадна стапката на хоспитализација, од 11% на 8,5%. Секому му е јасно дека не е нормално деновиве (при 1000-1400 новодијагностицирани) да се хоспитализираат дневно по 40-80 пациенти, исто колку при 700-1000 новодијагностицирани. Затоа и се појавува тој зазор помеѓу портокаловата и сината линија. Дури и да прифатиме дека се работи за доцнење во приемите, тоа би значело дека за една недела би требало да има 1.900-2.000 хоспитализирани, што изгледа како невозможна мисија. Останатите се лекуваат дома, колку и како што знаат и умееат, а резултатот ќе го видиме во јули, во мартовскиот и априлскиот билтен на ДЗС како одвишна необјаснета смртност.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

You cannot copy content of this page