„Патот до пеколот секогаш е поплочен со најдобри намери.“
Тие што мислат дека се многу паметни затоа што ги укинале книжните учебници, нека наведат барем 5 од 195 држави во светот каде што нема печатени учебници на сите нивоа на образование.
Што им беше целта? Да заштедат на трошоци за печатење, така што родителите сами ќе печатат од фајлови? Читањето од екран нема да ги направи ни подобри информатичари, ни програмери, само ќе им ги дорасипе очите на идните генерации. Во моите класови моментално повеќе од 80% од студентите носат очила поради таблетите и компјутерите, а воопшто не се ни начитани ни образовани како што треба.
Електронската книга, освен што ги заморува очите, е непрегледна за брзо пребарување и прелистување, подвлекувањето е потешко (иако возможно) отколку во печатена книга, за тие што учат на таков начин.
Никако да сфатат дека формата на книгата не е пресудна, туку квалитетот на книгата, а уште повеќе способноста на наставникот и на ученикот.
Без повисување на критериумите во оценувањето, решавање на проблемот со партиски вработените наставници и директори коишто форсираат неквалитет и криминал, без запишување на педагошките факултети само на бруцоши со просек 5,00, затворање на прекубројните „селски“ факултети и универзитети, укинување на задолжителното средно (главниот генератор на неквалитет и само извор на „муштерии“ за многубројните непотребни факултети) и воведување на задолжителни приемни испити, квалитетот само ќе продолжи да тоне – ако воопшто може оттука подлабоко да потоне.
Никакви козметички измени од типот електронски учебници или спојување на предмети тука не помагаат. Потребни се суштински промени (погоре наброените), ама очигледно немаат ни желба, ни капацитет за такви промени.
Тешко на идните генерации со вакви реформатори, коишто никогаш во животот не фатиле ни дневник ни креда со рака.
Дочекавме (не само сега) тој што не знае да му кажува на тој што знае како треба да работи. Ама што да се прави, кога нема кој да не чува од тие што требаше нас да не чуваат.
Туку, најпрво нека консултираат доктори офталмолози, ортопеди и невропсихијатри за влијанието на компјутерскиот екран на здравјето на децата, а потоа нека ја искинат и фрлат в ѓубре таа непромислена одлука, додека не направиле поголема беља.
Не само што мора да постојат печатени учебници, туку тие не смеат да им се одземаат на учениците на крајот на учебната година.
Токму затоа што им се одземаат, во последниве години гледаме генерации студенти коишто немаат поим ни што се учело, ни во која година нешто се учело, а најчесто прв пат слушаат дека воопшто се учело.
Во погорните одделенија ниту им барале знаења од подолните, затоа што оправданието било дека немале книга од каде да се потсетат или повторат.
Со своите штетни образовни политики произведоа генерации кои изгледаат како да се од Марс паднати, да не речам хендикепирани (иако незнаењето е сериозен хендикеп). Како да работиме тогаш со генерации, чија образовна возраст е десетина години зад календарската? Ќе си играме образование, ќе се лажеме самите, но и другите.
Нашите големи стручњаци за образование од XXI век не го научиле ни тоа што го знаеле уште старите Римјани: Repetitio est mater studiorum. Филолозите дури точно измериле: за да се научи и запомни еден странски збор, потребно е седум пати да се повтори (затоа што седум пати се заборавил).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

You cannot copy content of this page