Blog Comments

  1. Adminisrator™ avatar
    Кризата како шанса за нов почеток
    Ако се препознавате во некоја од овие категории, позитивниот аспект е што оваа способност сепак не ни е вродена, туку може да се учи и да се развива. Некои од начините на коишто може да се постигне тоа вклучуваат активно истражување на сопствените интереси и ставови, набљудување на туѓите позитивни животни искуства, како и разгледување на неодамнешните лични искуства коишто имале потенцијал да ја променат насоката во која се движиме. Бидејќи кризата влијаеше и сѐ уште влијае врз повеќето луѓе, токму искуствата поврзани со неа може да иницираат некои промени и да ни дадат можност да ги реевалуираме нашите вредности, приоритети, снаги, интереси и вештини, но и да заземеме нов став и да се посветиме кон исполнување некои нови цели.
    Водејќи се од прикажаната теорија и истражувања, но и од нашите искуства од изминатиот период, би било важно да си поставиме неколку прашања. Прашањата би можеле да нѐ водат кон реевалуација на нашите приоритети и, можеби, кон промена или, пак, зацврстување на некои постоечки ставови. Може да се запрашаме за нашите силни страни што веќе ги имаме (или, пак, сакаме да ги имаме) и што ни помагаат или би ни помогнале во исполнување на нашите цели. Да размислиме со кои дилеми сме соочени сега и какви одлуки би можеле да донесеме, водејќи се од нашите вредности, цели и од работите што ни значат. На крај, добро би било да видиме што е тоа што би ни помогнало да се посветиме кон исполнување на нашите одлуки. Тоа може да е поддршката од луѓето околу нас, нашите вештини и искуства или, пак, поддршката од некое стручно лице во полето.
    Ваквата рефлексија има потенцијал да нѐ позиционира во животот и да ни го поплочи патот кон носење одговорни одлуки за нашиот живот и за нашето ментално здравје. Ова никогаш не е лесно, но вреди да се проба.
    Напишаното, сепак, најдобро би можел да го заклучам со зборовите на Виктор Франкл: Единственото нешто што никој не може да ми го одземе е начинот на којшто јас одбирам да одговорам на околностите.
    *Иво Куновски е клинички психолог, специјалист по медицинска психологија при универзитетската клиника за психијатрија во Скопје. Во својата пракса се бави со психодијагностика, психотерапија, како и научно-истражувачка работа со фокус на програми за превенција и интервенција на психолошки нарушувања.
    **Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.
  2. Adminisrator™ avatar
    Правните основи на блокадата
    Правните основи на блокадата се бараат во Деловникот на Собранието. Во одредбите на тој акт, изречно е предвидено дека секој пратеник во Собранието, пратеничка група или работно тело, при второто читање на предлогот на закон, има право да поднесува амандмани без да се ограничува нивниот број. Амандманот се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и мора да биде образложен и потпишан од предлагачот.
    Целта на амандманите е подобрување на законскиот текст, а не запирање на законодавниот процес. Поднесувањето стотици или илјадници амандмани не може да биде во функција на подобрување на предложената регулатива. Толкав број амандмани можат да бидат само во функција на политичка борба, особено ако претходно никој не ги разгледува или ако не го оценува нивниот придонес во подобрувањето на тоа што се предлага. Тоа не го прави ни претседателот на Собранието, ни стручните служби во Собранието. Тоа се смета за недопустливо или за удар врз интегритетот на пратеникот и неговата слобода на дејствување. Владее мислење дека пратеникот може да прави што сака, а притоа да не одговара за ништо, дури ни за материјалната штета што ја прави со големиот број амандмани.
    Во такви околности правото на поднесување амандмани се злоупотребува нашироко за политички цели што имаат тешки последици за положбата и интегритетот на Собранието. Тоа што опозицијата не може да го постигне со политичка борба на парламентарните избори го постигнува преку блокадата на законодавниот процес – го оневозможува парламентарното мнозинство да креира нови норми и да ги остварува програмските цели верифицирани на парламентарните избори.
    Тоа го постигнува на лесен начин, без грижа на совест, со поднесување амандмани што немаат образложение, немаат потпис на предлагачот, ниту имаат врска со предложениот законски текст. Се бара бришење непостоечки членови во предлогот на закон, намерно се заменуваат прецизните термини со нејасни зборови, едно исто прашање доминира во поголем број амандмани поднесени од ист предлагач, свесно се внесува конфузија во законскиот текст со цел законот да биде неразбирлив и неприменлив. Се бара и одлагање на примената на законот за десет години.
    Деловникот на Собранието се користи како основа за блокирање на законодавниот процес, при што не се води сметка за положбата и уставните надлежности на Собранието. Деловникот се става пред Уставот, иако е понизок правен акт. Собранието тоа го толерира цела една декада, иако во 2012 беше предупредено од експертите на ЕУ да не го прави тоа. Првиот пример на блокада на Собранието датира од 2012 г., кога тогашната опозиција, предводена од СДСМ, одлучи со 1225 амандмани да го блокира донесувањето на Буџетот за 2013 година. Толкав број амандмани објективно не можел да се разгледа од Комисијата за финансирање и буџет пред истекот на буџетската година.
    Блокадата насилно е прекината од страна на парламентарното мнозинство, со физичко исфрлање на опозициските пратеници и на новинарите од пленарната сала на Собранието на 24 декември 2012. Даниел Тарчус, експерт на ЕУ за парламентарна демократија, не беше изненаден од тоа што се случило. По негово видување, методот по којшто се носеше буџетот во тоа време, со голем број амандмани, е гарантиран „рецепт за пропаст“: „Катастрофата што се случи не е толку чудна, мене ме чуди како не се случила порано.“
    Втората блокада е поврзана со донесување на Законот за бранителите предложен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во 2013 г. Законот е блокиран од страна на координаторот на пратеничката група на ДУИ со поднесување илјадници амандмани, поради тоа што со предлог-законот не беа опфатени припадниците на ОНА. По десет дена долги говори, читање поезија, молчење на седниците на матичното тело, блокадата успеа да го запре донесувањето на предложениот закон. На овој случај се повикува денешната опозиција, со образложение дека тоа што го прави таа во изминатите две години не е непознато. Го прави тоа што сегашниот претседател на Собранието го сторил порано. Притоа, забораваат дека поранешниот пратеник сега е претседател на Собранието и дека сега, како претседател, има поголема обврска да го штити Уставот и достоинството на Собранието отколку во 2013.
    Третата блокада е во тек, со опфат на времето од 2019 до 2021. Оваа блокада тангира над дваесетина закони од областа на здравството, социјалната заштита, даночната политика, јавните финансии, армијата, полицијата, личните документи, прометот на експлозивни материи, следење на комуникациите, складирање и заштита од запаливи течности и гасови, производство и промет на воени стоки, фондот за осигурување депозити, урбанистичкото планирање и користењето претпристапна помош од ЕУ (ИПА). Блокирани се широки области од законодавната дејност на Собранието. Со таков опфат, намерата е Собранието да се претвори во виртуелен орган, изложен на потсмев и срам.
    Запирање на блокадата

    Блокадата треба итно да се запре од страна на парламентарното мнозинство и од претседателот на Собранието. На тоа ги обврзува Уставот, како повисок правен акт од Деловникот на Собранието. Секој е должен да го почитува Уставот и сите други прописи мора да бидат во согласност со Уставот. А Деловникот на Собранието е пропис и тој мора да биде во функција на Уставот. Деловникот не е цел за себе, туку средство за остварување на целите на Уставот.
    Рамнодушниот однос на парламентарното мнозинство кон големиот број амандмани значи негово помирување со блокадата на законодавниот дом, односно согласување Собранието да постои без можност да ја врши законодавната дејност. Недозволиво е молчешкум да толерира нешто што не смее да го толерира – Собранието да биде експроприрано од страна на малцинството. Треба да ги отфрли „празните“ и „мајтап“ амандмани – смешни и за нивните подносители.
    Предводник на борбата против злоупотреба на правото на поднесување амандмани треба да биде претседателот на Собранието. Врз основа на мислењето на стручните служби, тој има право да изгради свое мислење за прифатливоста на предложените амандмани. Има право и да ги отфрли оние што немаат образложение, потпис на предлагачот или оние со технички грешки. Затоа амандманите му се доставуваат нему, а не на некој друг. Тој има право да ги „појаснува“ (толкува) амандманите. Тоа право му го дава Деловникот на Собранието (чл. 60).
    Претседателот треба да преземе и друг чекор што научната јавност од него го очекува подолго време. По судски пат треба да побара надоместок на штетата од оние актери кои со неразумни амандмани енормно го оштетуваат државниот буџет. Таквиот чекор би ги освестил несовесните подносители на амандманите, а Собранието би се претставило во очите на јавноста како одговорен орган., што води сметка за јавните финансии. Пошироката јавност тоа би го поздравила на ист начин како што Европскиот парламент, на 28 јуни 2021, на Самитот на спикери „ЕП-ЗБ“ во Брисел ја поздрави улогата на Собранието во интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ („role model“).
    Професорите по Римско право – автори на „мајтап“ амандманите треба да побараат извинување од своите студенти за исмевање на правната техника во законодавниот дом. Да постапат на истиот начин и со истата цел како што постапил Хорациј по победата над Браќата Курјак од Алба (Curiaces). Хорациј од Јупитер, за победата над Браќата, не побарал награда, туку духовно прочистување, односно лустрација (lustrum).
  3. Adminisrator™ avatar
    Блокадата не е опструкција

    Блокадата е деструкција на парламентарната демократија, нејзино претворање од изборна во авторитарна демократија. Таа го урива парламентарното мнозинство и ги обесмислува парламентарните избори. Владата бадијала испраќа законски проекти, свои претставници и повереници во Собранието. Малцинството тоа го обезвреднува, независно дали станува збор за добри или за лоши закони. Станува збор за „тиранија на малцинството“ кое врши злоупотреба на правото, раководејќи се од страста, а не од разумот.
    Опструкцијата е нешто друго. И таа води кон блокада, но не може да оди до крај. Преку долги говори или други средства за попречување го отежнува законодавниот процес, но не може да го загрози донесувањето на законите. Целта на опструкцијата е подобрување на предложените закони и пошироко согледување на нивните последици. Се остварува преку неограничено траење на дискусиите на пратениците, квалификуваното мнозинство за донесување на законите, употребата на претседателското вето, поведување на интерпелации против министрите и гласање доверба на владата. Опструкцијата е регулиран, а не стихиен процес. Таа е здрава појава бидејќи од неа зависи „иднината на сите парламентарни влади“.
    Блокадата е вон историјата на парламентарната демократија. Таа им припаѓа на апсолутните монархии во кои монархот имал право на апсолутно вето. Наспроти тоа, опструкцијата се јавува паралелно со парламентарната демократија, со конкретни форми уште во XVIII век. Но нејзините корени се подлабоки. Катон Постариот е прв што добил право на неограничена дискусија во Римскиот сенат, со цел да го попречи именувањето на Јулиј Цезар за конзул на Римската република. Долго зборувал, но не успеал да го запре конзулството на Цезар. Англиската опозиција се здобила со право на неограничена дискусија за време на Славната револуција, а американските сенатори – во 1806.
    Опструкцијата во поново време е најзастапена во Велика Британија и во САД. Во првата држава се користи најмногу кога се носат даночните закони, а во втората кога се штитат интересите на помалите сојузни држави. Се употребуваат различни средства – поднесување предлози во врска со третираното прашање, барање за проверка на кворумот или поединечно гласање, предлози за одлагање на седницата, напуштање на пленарната сала, читање „релевантни“ документи, делови од Библијата или други книги. Достигнати се рекорди во должината на дискусиите, како оној од 24 часа и 19 минути во Сенатот на САД или 42 часа и 33 минути во Сенатот на Тексас.
    Опструкцијата не може да прерасне во блокада на домовите на Конгресот на САД. Правилата на Сенатот на САД предвидуваат можност со 2/3 мнозинство гласови расправата да се подведе под посебни норми, во функција на нејзино скратување, а правилата на Претставничкиот дом предвидуваат повеќе начини за заклучување на расправата. За опструкција се смета и договорот помеѓу републиканците и демократите – позначајните закони во Сенатот на САД да се носат со 60, а не со 51 глас. Со наведеното правило, републиканските сенатори денес ја опструираат политиката на претседателот Џо Бајден.
    И македонската парламентарна демократија познава примери на опструкција. Првиот пример е од 2006, кога една пратеничка на ВМРО-НП, универзитетски професор по медицина, зборувала 6 часа и 30 минути, со цел да го попречи донесувањето на Законот за полиција. Тоа е најдолгиот говор одржан во Собранието по воведувањето на парламентарната демократија. Други облици на опструкција се законите што се носат со двотретинско мнозинство на гласовите, интерпелацијата против министрите и гласањето доверба на владата. Уставот не дозволува опструкцијата да прерасне во блокада на законодавниот дом. Блокадата е антиуставна појава од најтежок вид бидејќи може да го урне Собранието како централен орган на парламентарната демократија.
  4. Adminisrator™ avatar
    Ова се само некои од примерите за реалноста во која се одвива онлајн наставата во државата и притисокот кој се прави и врз наставниците и врз децата, оценувањето за првото тримесечје да заврши до 20 ноември. Ова се само некои од ситуациите кои секојдневно ги гледаме во нашето опкружување и ги слушаме особено ние психолозите. Јас слободно можам да кажам дека мојот телефон прегрева во текот на денот и по неколку пати ја полнам батеријата за да ги ислушам сите ситуации со кои се соочуваат и децата и наставниците.

    Се запрашал ли некој во оваа држава што им правиме на децата и на наставниот кадар? Какви последици ќе има ова и врз процесот на настава и она што мене особено како психолог ме засега врз менталното здравје на децата и на наставниците? Зарем било кој податок кој ќе го научиме, било која формула или дефиниција, тест или оценка која ќе ја добиеме, има поголема вредност од тоа да го зачуваме нашето психичко здравје и после оваа пандемија да преживееме, да излезиме нормални и да се вратиме на нашиот живот или ќе излеземе како психички нестабилни личности кои ќе се соочуваат со бројни психички нарушувања? Направиле ли анализа одговорните колку од децата имаат можности за следење на онлајн настава? Кога велам анализа мислам на вистинска, суштинска анализа, со понудени решенија, а не само анализа која се состои од голи бројки, кои не значат ништо и имаат ефект нула во реалноста. Се запрашал ли некој од одговорните кога ги планираа наставните програми и планови, дали се доволно скратени наставните програми, дали сиот тој материјал може да биде предаден преку компјутер во 30 – 35 минути од кои ефективни се само 20-тина минути, дури и во услови кога има совршен интернет и добри компјутери, зашто 10-тина минути се губат од секој час за евиденција на отсутни ученици или на кого му паднал интернетот, кого “го кикнале“, кого “го мјутнале“ итн. Друго прашање е дека има наставен материјал по некои предмети кој е многу тешко да се објасни преку компјутер. Се запрашал ли некој од одговорните дека во нашата земја се уште имаме семејства кои живеат на работ на егзистенција, а дел се во крајна сиромаштија и немаат услови за основни дневни потреби за храна, а камоли интернет и компјутери. Се запрашал ли некој што презедоа надлежните за да им се обезбедат ИТ уреди на овие деца, освен еден мал дел што добија таблети и интернет картички, или како е да се следи онлајн настава кога живеат во една соба три генерации без струја, вода и греење? Се запрашале ли надлежните како им е на децата кои речиси секојдневно немаат струја во селата, иако имаат свој компјутер. Што направија надлежните за таквите случаи? Колку средства од буџетот одвоија за децата, за да ја направат наставата достапна за сите и секое дете да има еднаков пристап до образование? Зарем не ги кршиме основните човекови права и основните детски права од Конвенцијата за заштита на детските права на ОН? Секое дете има еднакви права на образование. Тоа е фундаментално човеково право. На кое место од листата на приоритети ни се децата и наставниот кадар? И додека се наоѓаат средства од буџетот за секакви намени, па дури и за кичести новогодишни украси и диносауруси, не можат да се најдат средства за секое дете да биде дониран компјутер или таблет. Тоа доволно говори за фактот на кое скалило на приоритети ни е образованието и најскапоценото нешто - децата. Ако е поприоритетно во овој момент кога болниците ни се пред колапс, лекарите доведени до работ на издржливост, кога образованието ни е на дното, кога не знаеме дали ќе преживееме, ние да објавуваме тендери за новогодишно украсување, што нормален човек може да каже повеќе и да мисли. Тоа говори само едно - ние се наоѓаме во состојба на тотална морална општествена деградација и детериорација, не само сега туку со години наназад. И претходно се наоѓаа пари за барокни фасади, за мабел Луј XVI, за споменици, за скапи автомобили и што ли уште не, а здравството и образованието како клучни сектори ни беа и се уште се во коматозна состојба и на вештачко дишење. Како да животариме и да преживееме во овој наш парадокс меѓу раскошот на кичот и бедата на духот?

    Каде во сета оваа ситуација се децата со посебни потреби? Како дете го посебни потреби ќе следи онлајн настава без помош од образовен асистент. Зошто за секое дете кое има уреден стручен наод и мислење не е обезбеден образовен асистент. Не правиме ли дискриминација на децата? Едни деца со посебни образовни потреби имаат асистенти, а за други нема средства. Ако сакаме да спроведуваме инклузија, тогаш за секое дете со посебни потреби треба да се најдат средства да се обезбедат образовни асистенти кои ќе им помагаат да ја следат наставата. Државата е должна да најде средства да се овозможи еднаков пристап до образование за сите деца.
    Проблемите се прекомплексни и пресериозни. И што да советуваат во ваква ситуација психолозите, кои психолошки техники за поддршка да ги примениме со децата, кога се соочуваме со ваква ситуација? Дали и ние како Марија Антоанета да ги советуваме децата и наставниците да јадат колачи кога немаат леб? Што да советуваме дете и како да му помогнеме кога нема основни услови за живот како успешно да следи онлајн настава и редовно да се вклучува, а нема струја, вода, топол оброк и огрев. Да ја превртиме ли наопаку пирамидата на психологот Абрахам Маслов за потребите на човекот?

    А за последиците од долготрајниот стрес на кој сме изложени со месеци? Се запрашал ли некој дека со месеци сите ние живееме во страв и неизвесност, дека со зголемување на бројот на заболени и починати, се повеќе ни се стеснува кругот околу секој од нас и дека речиси и нема човек кој на директен или индиректен начин не е погоден од пандемијата. Колку и да се трудиме, не можеме да го избегнеме стресот. Во вакви услови колку и да се трудиме не можеме да го добиеме истиот квалитет на настава како со физичко присуство во нормални околности. Квалитетот на настава опаѓа, а не може да се обезбеди ниту објективност во оценувањето. Треба да бидеме свесни дека учениците тешко го задржуваат вниманието при онлајн настава. Самото долготрајно гледање во мониторите предизивкува замор и кај децата и кај наставниот кадар. Дополнително стрес предизвикува и самото одговарање пред камера. Кај некои деца инхибиторно делува тоа експонирање пред камера, иако станува збор за одговарање пред наставниците и соучениците од класот кои ги познава и со кои учеле заедно и немало никакви проблеми при одговарање претходно во училница, сега во вакви услови може да биде проблем. Сите деца немаат исто ниво на информатички вештини за да решаваат тестови под притисок, во краток временски период.

    Долготрајната изложеност пред мониторите го зголемува стресот, предизвикува нервоза, намалено внимание, намалена концентрација, а знаеме дека вниманието и концентрацијата се предуслови за процесот на учење и помнење, ја нема директната интеракција, социјалните контакти, нема социјализација на децата. Намалувањето на социјалните интеракции меѓу децата може да предизвикаат чувство на осаменост, несигурност во воспостапувањето на контакти, страв, срамежливост, повлеченост, оттуѓеност, па се до појава на анксиозност, социјална фобија, депресивност, панични напади итн. Сите овие фактори сериозно влијаат на психичкото здравје.

    Токму поради сите овие фактори и ситуации секојдневно ни се случуваат, она што можеме да го направиме во овој момент е да го олабавиме притисокот првенствено кон наставниот кадар во поглед на роковите за оценување, а со тоа ќе се намали притисокот и врз учениците. Да бидеме разумни и да поставиме разумни рокови. Да се бара само најнеопходното што е важно од лекциите, се може да се надомести. Да ги оставиме наставниците релаксирано да си ја вршат работата, да имаат доволно време да направат процена на знаењето на учениците, да им ги направат интересни часовите на децата, а не извор на стрес. Државата мора да најде начин да се обезбедат ИТ алатки и интернет за сите деца и конечно образованието и децата да бидат еден од приоритетите во оваа држава.
  5. Adminisrator™ avatar
    04.10.2020. Новото нормално неделава можеме да го опишеме со бројка: просечно 165,9 новодијагностицирани на ден, со тенденција на понатамошен раст.
    Деновите на смирување на епидемијата се дефинитивно зад нас, а 8 септември е пресвртната точка (минимумот на зелената линија на дијаграмот на втората слика) кога од намалување постепено преминавме во наголемување на дневните бројки на нови случаи, се разбира во просек. Црвената линија го прикажува моделот на експоненцијална регресија, од каде што јасно се гледа забрзувањето.
    На истиот дијаграм уште гледаме дека започнувајќи од 30 август во понеделниците и вторниците редовно имаме многу мал број на тестирања, особено во државните лаборатории. Од таа дата наваму графикот изгледа како некаква шуплива решетка, додека тоа порано не беше случај. Зошто порано можело да се тестира а сега не може? Дали штедат на дневници за вработените, дали штедат на тестови или просто државата кренала раце од справувањето со епидемијата? Речиси истовремено болницата 8 Септември излезе од ковид-системот, што дава основа за ваква претпоставка. Инаку, интензивното тестирање е многу важно за рано откривање на контактите на заразените, нивно ставање во изолација и превенција на понатамошно заразување. Последниве недели, наместо да се засили, тестирањето е намалено. Ова намалено тестирање секако има свој удел во забрзувањето на епидемијата.
    Забрзувањето уште го гледаме на дијаграмот на факторите на раст на дневните промени на дијаграмот на третата слика. Не само што се поголеми од единица (што самото по себе претставува забрзување), туку уште се движат во нагорен коридор, прикажан со парот зелени линии. Ваква ситуација последен пат видовме после рамазанското попуштање на мерките и видовме до каде стигнавме. Не мора да значи дека повторно ќе видиме толкав раст, но тоа најмногу зависти од здравствените власти и државните мерки. Без нив речиси извесно е дека ќе достигнеме, па и надминеме 300 случаи на ден во текот на октомври.
    На дијаграмот на четвртата слика ги гледаме решенијата на диференцијалните равенки на динамиката на епидемијата во Македонија. Забележуваме како вкупниот број на дијагностицирани се побргу искачува, односно зелената линија на четвртиот дијаграм има се поголема стрмина. Од друга страна, сината линија, која го покажува двињето на бројот на оздравените и починатите (затворените случаи) се уште нема толкава стрмина. Поточно, ја има стрмината на зелената линија од пред 19 дена, просечното време од отворање до затворање на случаите. Во наредните две недели, додека не започне поинтензивното затворање на случаите од третиот бран (сината линија ќе фати чекор со зелената), ќе имаме дневен вишок на отворени над затворените случаи, што претставува нето раст на бројот на активни случаи. Нивниот број особено брзо расте последниве 3 дена, што значи дека дури сега започнува вистинското искачување на третиот врв.
    Ќе биде интересно да се види дали најновите мерки на владата за забрана на живите свирки во кафеаните и стишување на музиката ќе даде некакви резултати. Стишувањето на музиката би требало да доведе до говор со помалку викање и помало расејување на капки, но во отсуство на мерката за задолжително носење маски во секаков затворен простор (вклучувајќи ги кафеаните) можно е ефектите да бидат ограничени, да не кажам занемарливи.
    Кафеаните се еден од најголемите (ако не и најголем) извори на зараза и се додека се толерира неразумното однесување во нив (а какво да биде поинакво, кога таму воглавно се продава лудило, т.е. алкохол) тешко дека ќе видиме подобрување. Она што може да го направи секој мислечки човек е да прстане да влегува во затворени кафеани и на тој начин да придонесе на намалувањето на гужвите и ширењето на вирусот.
    Секогаш треба да се има на ум дека ТОА ШТО КАФЕАНИТЕ РАБОТААТ НЕ ЗНАЧИ ДЕКА СЕ И БЕЗБЕДНИ.
  6. Adminisrator™ avatar
    03.10.2020 Ако е за некаква утеха, денешниот број на новодијагностицирани е 243
    Како и да е, 243 е голема дневна бројка и изгледа како дури сега да започнува вистинскиот јуриш кон третиот пик. На фазниот портрет I-T (активни наспроти вкупно случаи, на втората слика) забелечуваме дека поледните три сини точки (последните три дена) се прилично раздалечени, а бројот на активни случаи започна брзо да расте, исто како што се случи на стартот на вториот пик, некаде околу случајот бр. 2500.
    Фундаменталната, а не чисто техничката анализа (само со гледање на графиците) има објаснување зошто ситуацијата допрва ќе се влошува. Ако го погледнеме графикот на стапката на позитивните тестови (црвената линија на дијаграмот на третата слика) гледаме дека таа постојано расте од ден на ден, што значи дека во целата популација има се повеќе заразени, коишто се потенцијални заразувачи на нови лица во наредните денови. Второ, растот на стапката на позитивните случаи кажува дека со постоечкиот просечен дневен број на тестирања (просечно по 1.388 во последниве 20 дена) епидемиолошките служби не успеваат да држат чекор со растот на бројот на нови случаи (односно не можат да се справат со неразбраниот народ). Бидејќи не можат да врачат доволно решенија за изолација и да ги „извадат од игра“ се поголемиот број на заразени, а неоткриени случаи, секој нареден ден бројките само ќе растат, односно епидемијата ќе забрзува. Ова се гледа и според графикот на базичниот репродукционен број R0 (на четвртата слика), којшто веќе достигна нивоа последен пат видени во јуни, со тенденција на понатамошно зголемување.

    Да кажеме збор-два и околу предлогот на комисијата за заразни болести за затворање на сите продавници и угостителски објекти во недела, како и скратување на работното време во ноќните часови. Затворањето во недела би можело да биде компензација за намалениот број на тестирања во недела, кога вирусот непречено се пренесуваше заради намаленото откривање. Ноќното затворање, пак, на перманентна основа го намалува просечниот број на контакти меѓу луѓето (Nk во формулата за дневниот број на нови случаи која ја видовме порано) и на тој начин придонесува за намалување на бројот на новозаразени. Се разбира, тоа е компромисно решение, бидејќи нашите власти многу пати го искажаа ставот дека немаат намера да воведуваат локдаун заради поефикасно намалување на преносот на вирусот. Ова воедно би било објаснување за тие што мислат дека нема потреба од никакво скратување на работното време на кафеаните бидејќи, нели, „вирусот работи и ноќе“. Значи, се работи само за парцијално поднамалување, за да им се даде шанса на епидемиолошките служби преку тестирања да ги откриваат и изолираат заразувачите. Но, доколку ни тоа не биде доволно и ситуацијата ескалира (што не е невозможно сценарио), тогаш локадаунот ќе остане последниот избор.
    Всушност, ако дојдеме до локдаун ќе знаеме дека здравствениот систем веќе колабирал и постоечките „меки“ стратегии, базирани на превентивни, а не рестриктивни мерки - крахирале. Кој пат ќе го фатиме - од нас зависи, поточно од нашата дисциплина и сериозност.
  7. Adminisrator™ avatar
    02.10.2020 225 Новодијагностицирани и 6 починати, но тоа не е се - што би рекле во Топ-шоп рекламите - забрзувањето трае и растот е далеку од завршен.
    Уште пред десетина дена тука беше најавен почетокот на третиот пик, а сега веќе го гледаме во полн развој. Седумдневниот просек е 145,7 нови случаи на ден, но од денешните 225, ни 300 не се толку многу далеку. До таму нема да стигнеме за 3-4 дена, но доколку не се преземе нешто, секако ќе стигнеме и до таму во текот на есента.
    14-Дневната кумулативна инциденца продолжува да расте без застанување и денеска изнесува 93,6 на 100.000 жители, со што сме практично вратени на ниво на лошите денови во јуни и јули. Но, за разлика од јуни, кога е надевавме на намалување поради летото, сега времето работи против нас. Рекордната 14-дневна кумулативна инциденца од 104,2 од 20 јули многу веројатно дека ќе биде скоро достигната и надмината.
    Понатаму, денешната стапка на позитивни тестови е 13,28%, вредност типична за јули, но 7-дневната стапка заклучно со денеска веќе достигна 10,99% (на дијаграмот на третата слика). Денешните 225 случаи се втор најголем број на новодијагностицирани од почетокот на епидемијата во Македонија, за жал постигнат при само 1.694 тестирања. Доколку беа извршени повеќе од 2.000 тестирања, денеска многу веројатно ќе видевме и преку 250 нови случаи. Но, есента и зимата се пред нас, па допрва ќе гледаме се и сешто. Само малиот капацитет на тестирања не спасува од поголеми дневни бројки, но истовремено токму малиот број на тестирања остава многу неоткриени случаи коишто уште побргу ќе ја шират епидемијата. Згора на се, самото население не е дисциплинирано и му одмогнува на целиот процес.
    Единствено растот на бројот на активните случаи (како и прогнозите за раст) не се многу стрми како во јуни, што се поврзува со вредностите на базичниот репродукционен број R0 коишто не се многу поголеми од единица. Ако така остане и понатаму, болниците бавно ќе се полнат (како и до сега) и здравствениот систем нема да биде пренапрегнат. Арно ама, зимата не си го кажа последниот збор...
  8. Adminisrator™ avatar
    Основниот проблем со комбинираната настава е привидот на право на избор. Тие кои се ризични, а немаат компјутери ќе бидат принудени да одат на настава. И многу наставници ќе се најдат во истата состојба од различни причини. Истото ќе се случи и со многу други вработени кои во случај на општа онлајн настава би морале да бидат ослободени, а со комбинираната ќе имаат само еден избор - тие да одат на работа, а нивното дете на училиште!
    Уште една тема која е запоставена е изложувањето на пензионерите на ризик. Во нашата средина дедовците и бабите се најчесто задолжени за земање на децата од училиште и нивно чување потоа. Пензионерите исто така финансиски помагаат многу семејства. Тие како најризична група ќе бидат изложени на голема опасност и последиците по овие семејства можат да бидат катастрофални. Сериозни текстови на оваа тема ги советуваат земјите во развој да не ги отвораат училиштата за да ги заштитат пензионерите и да се сочуваат од колапс на и така фрагилниот здравствен систем.
    Да не заборавиме, доаѓа есента и зимата, а со нив и грипот, загадувањето, затворањето на прозорците, како уште еден ризик фактор, но и грејната сезона. Ако училиштата не работат ќе се заштеди на греење, но и децата нема да бидат изложени на загадениот воздух во училиштата. Според статистиките речиси 90% од училиштата во Македонија се греат на нееколошки варијанти, а половина од нив се изградени од 1946-1980 година, со 5% изградени од 1900-1929 година! Освен тоа, учениците користат јавен превоз, што е уште еден голем ризик фактор, а тие кои се од внатрешноста ќе престојуваат во интернати во кои знаеме дека условите не дозволуваат одржување на протоколи.
    Само онлајн наставата може да ги заштити сите!
    Како што гледаме, недостатоците на комбинираната настава се многу големи и непремостливи. За тие да се надминат не е доволен еден месец, ниту една година, потребна е комплетна реформа на образованието, образовниот систем и образовните инфраструктури.
    До тогаш, единственото безбедно решение за земја во развој како нашата е онлајн наставата за сите, за учениците и за наставниците! Со онлајн наставата државата ќе мора да изнајде механизми да се справи со сите наведени проблеми, во спротивно нема да бидат заштитени ни децата, ни наставниците, ни родителите, ни вработените, а секако не ризичните групи. Во случајот на комбинирана настава, привидно сите ќе имаат избор, но всушност сите ќе бидат оставени без избор!
    Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
    Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.
  9. Adminisrator™ avatar
    Што да се прави во врска со интернет-јасновидците, и зошто?
    Прво – зошто? Проблемот е што веќе не можеме да си дозволиме да ги игнорираме – тие денес стануваат многу опасни заради тоа што ги има толку многу. Заради тоа што ги има многу, стануваат интересна целна група за политичарите, кои почнуваат да им се додворуваат со политики скроени така што да се вклопат во светогледот на интернет-јасновидците. Таквите јавно искажани ставови на (некои) политичари, потоа се користат како „аргументи“ за јасновидската „кауза“ (која и да е)... и кругот (на лудилото) си врти. Дури се свестиш, светов полудува и почнува да функционира според согледувањата на фризерката Жане, таксистот Митре и видно забеганиот професор со голема коса, игнорирајќи ги ставовите на неброени докажани инженери, доктори, социолози, правници, економисти итн. – само затоа што интернет-јасновидците се толку многубројни и гласни.

    Второ, како? Еве едно мое искуство за тоа како НЕ треба да му се пристапи на интернет-јасновидец. Мој близок човек, кој навистина го сакам, пред некоја година ме изненади со една патем дадена изјава дека не верува оти Американците биле на Месечината. Јас, како пасиониран астроном/астрофизичар аматер, веднаш се запалив, па почнав со објаснувања и разобличувања на сите митови од таа теорија на заговор. По едно 45 минути, се соочив со пораз! Ми вели – „може сè ова што ми кажуваш и да е вистина, но јас САКАМ да верувам во оваа работа!“
    Подобар начин на пристап кон интернет-јасновидец е да му поставувате прашања, особено за СМИСЛАТА на теориите на заговор во кои верува и за тоа КОЈ и КАКОВ интерес има од нив? По некое време, ќе може да му ги предочите контрадикторностите во неговите одговори и ако не е сосема изгубен случај, може за некои работи и да го смени мислењето.
    Но, тешко дека ваквите поединечни мали „победи“ ќе направат некоја разлика во однос на „големата поделба“. Колку и да е жално да признаеме, интернет-јасновидството е форма на зависност, заради тоа што тоа станува темелен елемент на личниот идентитет на некои луѓе. Истиот човек кој вчера некако разбрал дека нема никаква смисла ниту шанси да се лажира слетувањето на Месечината, уште утре ќе се „фати ко клен на јадица“ на следната теорија на заговор што ќе му ја сервира соседот Славе.
    Проблемот е многу подлабок.
    Решенијата се (најверојатно) во активности во четири области:
    1. Образование – колку што е можно поквалитетно образование за поголем број луѓе, особено во природните науки. Имаме многу нови технологии на располагање, но за повеќето луѓе тие се еднакви на магија, бидејќи ВООПШТО не ги разбираат. Затоа и релативно образовани луѓе можат лесно да проголтаат некои небулози (како на пример за тој фамозен 5G) кои не поминуваат кај кој било што има макар основно знаење од физика на гимназиско ниво. Технолошката писменост на човештвото мора да се подигне на повисоко ниво, глобално, за барем базично, концептуално, да ги разбираме „играчките“ што ги имаме во рацете и кои практично стануваат екстензија на нашите сетила и сознанија. Ефективно, стануваме киборзи, а тоа не го разбираме.
    2. Темелна реформа на капитализмот, со цел да се намали јазот меѓу ултра-богатите и сите останати. Имам идеи на оваа тема, но за нив е потребно барем уште едно олкаво писание... па да ги оставиме за натаму.
    3. Темелна реформа на демократијата како систем – важи исто како за претходната точка... Да не почнувам, некогаш ќе ги срочам и овие идеи во некое писание
    4. Сузбивање на „културата“ на „лажни вести“ и „алтернативни факти“ – немам поим како, можеби со реформите од точките 2 и 3 и со ТВ-емисии, портали и списанија со научно-популарни содржини.
    Очигледно, ги немам сите одговори, не сум сигурен ниту дали ги знам сите и/или вистинските прашања... Затоа, пак, повелете со ваши идеи и/или дилеми...

    Заклучок
    Човештвото е пред тешка, долга и неизвесна борба за опстанок на здравиот разум. Прашањата од типот на третирањето на заразни болести и третманот на човековата околина (глобалното загревање, на пример), кои се често во центарот на оваа борба, директно ќе влијаат на шансите за долгорочно преживување на човештвото... нека ни е со среќа!!!

    П.С. Некој веројатно ќе рече: „Од каде пак сега ти ни солиш памет кој бил каков и кој што треба да прави!“ Ова се мои размисли, врз основа на долгогодишно набљудување на она што се случува во светот и логичко размислување во врска со тоа. Сигурен сум дека се можни многу други и поинакви размислувања. Ова е моето, ако имате свое, бујрум срочете го во слична форма. И, да, се сложувам, добар дел од наводите се опфатени само површно, без длабока анализа – е, па, толку е за во една колумна. Темава заслужува цела книга. Којзнае, можеби ќе биде и тоа... да ја третираме колумнава како work in progress, OK? Ако имате конструктивни забелешки, ептен сте добредојдени да ги искажете, па може и нешто повеќе да испадне од сето ова...
  10. Adminisrator™ avatar
    Притоа, да не се разбереме погрешно (мала дигресија) „малиот човек“ од пред еден параграф, не е обврзно сиромашен и/или необразован. „Малиот човек“ е оној кому не му е удобно во својата кожа. Тој може и да е навидум реализиран човек, (донекаде) образован и успешен, но со длабока несигурност во врска со својата лична вредност и со голема потреба некаде да „припаѓа“ – за да добие верификација за таа своја нејасна „вредност“. „Малиот човек“ станува интернет-јасновидец затоа што не е подготвен да се соочи со себеси, не е подготвен да преземе одговорност за своите постапки и за својата состојба, тој бара виновници за внатрешната празнина со која се соочува, надевајќи се дека омразата кон „моќниците кои му го загорчиле животот“ и заемната потврда/прифаќање (за теориите на заговор, на пример) од групата на којашто сега припаѓа, ќе му ја пополни таа празнина... „Малиот човек“ најчесто се оној тип луѓе кои се жалат дека ќе постигнеле многу повеќе во животот, само да не ги „мразеле“ професорите и шефовите и/или да не им „љубомореле“ пријателите и/или непријателите.... sounds familiar?

    Значи, кои се интернет-јасновидците?
    Јас се обидов да ги класифицирам.
    1. Природно глупав – неписмен. Ништо не разбира, ни темата за муабет, ниту нејзината сложеност, ниту предложените „решенија“, но „знае“ дека „нè лажат“ и дека конечно го нашол изворот на „вистината“... GOLEMIBUKVI без интерпункција... школо основно, можеби и средно... може да бидат забавни, но знаат да бидат и агресивни... батали ги...
    2. Учен-недоучен – полуписмен. Многу слично на претходниот, со мааалку подобра интерпункција. Овој може да има и факултет или магистратура, купени „поволно“. Сега мисли дека затоа што има диплома, може и да дискутира... жално за гледање. Mоже да ги р’чнете, но штом изнесете несоборливи аргументи, многу брзо муабетот поминува во лични навреди.
    3. Нереализиран гениј – „I could have been a contender“. Овој го разбира проблемот, ја разбира сложеноста, но ете сака едноставни решенија (до какви што достигнува, сложените концепти му се too much). Образован е и често успешен во тоа што го прави, но не е задоволен од себеси... можел повеќе... тој требало да биде естаблишментот, а не таму некои ојлевци-дојлевци... затоа е против – против сè... „антиспротивен“... најчесто е културен во муабетите, но е многу pasive-agressive. Иако најчесто е интелигентен, проблемот му е што мисли дека е попаметен од што е... пошто „I could have been a contender“... но не е, и има добри причини за тоа, причини кои самиот нема никогаш себеси да си ги признае.

    4. Позер – најчесто „урбан лик“ кој погрешно мисли дека кафеанските зафрканции во кои блеска го прават квалификуван да се меша во муабет со „возрасните“. Темите не го ни интересираат, впрочем овие се многу површни ликови, го интересира да се покаже „интересен“, како на маса во кафеана... да ќари некое лајкче... безопасни и здодевни.
    5. Покондирена тиква – Јелена Ѓоковиќ, на пример. Успешен и/или богат лик, кој сега би сакал да се покаже колку е паметен... но не е... и излегува смешен. Интелектуалното ниво му е максимум меѓу 2 и 3 од класификацијата. Опасни се затоа што се познати и можат многу да влијаат на ширењето на интернет-јасновидството, особено кај број 1, 2 и 4 од класификацијава... Број 3 не ги сака, затоа што „ТОЈ ТРЕБАШЕ ДА БИДЕ НА НИВНО МЕСТО“!!!!
    6. Пропаднат авторитет – овие се опасни, овие ги креираат заблудите... другите главно ги пренесуваат. Овие се образовани и реализирани по сите основи и во одреден момент биле вистински авторитети во одредена област... и тогаш нешто им се случува и луѓево поминуваат на „другата страна на огледалото“, непрепознатливи во однос на тоа кои биле претходно. Највидлив пример е професорот и нобеловец Лук Монтање (Luc Montagnier). Човеков го открил ХИВ-вирусот и за тоа има добиено Нобелова награда во 2008 година, за веќе во 2009 да почне да се занимава со испитување на „радиобранови емитувани од бактериска ДНК“ кои се поврзуваат со некакви „наноструктури“ во екстремно разредени раствори кои го „паметат“ патогенот и можат да го „рекреираат“. Ниту една лабораторија не успеала да ги повтори/потврди неговите експерименти, а научниот труд бил објавен во списание кое не е peer revieved, а во кое самиот Монтање бил уредник. Во принцип, човеков ја прифати хомеопатијата како валидна „наука“. Проблемот е што хомеопатијата е целосно отфрлена од огромното мнозинство на научниот свет како квази наука или поточно, шарлатанство. Но, заради неговата историја, дури и ваквите тотално неиздржани тврдења, се одлично „гориво“ за теориите на заговор.
    7. Бизнисмен – овие се најопасни... за нив интернет-јасновидството е бизнис. Овие се „најплодните“ креатори на теории на заговор, кои ги измислуваат, а потоа за нив пишуваат книги и држат предавања. Највидлив пример е Дејвид Ајк (David Icke), сериозно забеган човек кој се продава како „висок првосвештеник“ на интернет-јасновидството. Лесно се разобличуваат (debunking), и тоа треба да се прави, за да не им се дозволи да заведат уште поголем број луѓе на патеката на интернет-јасновидството.
  11. Adminisrator™ avatar
    Што сакала да каже Тачер?

    Изјавата потекнува од едно интервју на Тачер во 1987 година, поточно нејзин одговор на новинарско прашање. Таа започнува со тоа како многу луѓе се жалат дека имаат проблеми и дека власта е должна да ги реши. Тачер заклучува дека луѓето за своите проблеми го обвинуваат општеството и се прашува што е, односно кој е општеството. Следи нејзината изјава:
    „Не постои такво нешто како општество. Има поединечни мажи и жени и има семејства и ниту една власт не може да направи ништо, освен преку луѓето. Луѓето најпрвин се грижат за себе. Наша должност е најпрвин да се грижиме за нас самите, а потоа за нашиот сосед. Животот е реципрочна работа...“
    Иако честопати напаѓана, изјавата речиси никогаш не била пренесена во целост. Секако, таа била подложна на различни интерпретации. Сепак, постои само еден авторитет што може вистински да ја протолкува – самата Маргарет Тачер. Во својата автобиографија, таа се осврнува на ова:
    „Мојата цел, тогаш јасна, но подоцна искривена до непрепознавање, беше дека општеството не е апстракција, раздвоена од луѓето што го сочинуваат, туку жива структура од индивидуи, семејства, соседи и доброволни организации.“
    Имајќи го предвид толкувањето на Тачер, очигледно е дека нејзината изјава веќе долги години е несфатена или пак искривена. Тачер вели дека таа не го негирала постоењето на општествето, туку зборувала за конкретна појава во тоа време. Според неа, проблемите не треба да му се префрлаат на „општеството“ како некој трет чинител, туку сите да се гледаме како дел од него. Оттука, останува да се види дали изјавата на Џонсон е сериозно отповикување на тачеризмот или пак чист „маркетиншки трик“ за зголемување на популарноста.Државните интервенции во економијата во 2020

    Сега, кога целата состојба стана вонредна, кога светот е доста променет, а секојдневието непрепознатливо, забележливо е големо „вртење“ кон државата. Луѓето се обраќаат кон државата, односно тие не бараат ништо од ниту еден друг фактор на капитализмот. Едноставно, сите чекаме на државата, а не на приватните претпријатија.Според многумина, фактот дека државите интервенираат во економијата (преку субвенции, олеснување на давачките, бескаматни кредити) говори за видлив крај на тачеризмот во форма на економски либерализам.Но, тоа не мора да изгледа така. Според Жарко Пуховски, интелектуалец од Хрватска, државите – со исклучоци – ја укинаа (ја забранија) економијата преку забрана на производството, како и забрана на „општоприфатената пракса на пазарот – зголемување на цените кога побарувачката е голема.“Државните интервенции во економијата се прифатливи, но истовремено несигурни да предизвикаат долготрајни промени поради едноставната природа на причинско-последичниот однос (анг. cause and effect) – ако државите сами ја укинале економијата, тие сами треба да го осигураат нејзиниот опстанок.Дополнително, се зборува и за здравствениот систем. Повторно, истата претпоставка – сите чекаме на државата. Но, и ова не му штети на тачеризмот. И самата Тачер била свесна за круцијалната улога на здравствениот систем под контрола на државата.Поединецот и солидарноста

    И тука предоминантната теза е анти-тачеристичка: во вонредни времиња на пандемија, поединецот ги потиснува сите свои лични потреби, желби, па дури и права, со една цел - зачувување на животот на целата заедница, односно поединецот се жртвува за благосостојбата на општеството.Ваквите чинови на промена даваат надеж дека ситуацијата ќе трае доволно долго за да произведе длабински промени во улогата на државата, на економијата, со цел солидарноста да се постави како општествена максима.Контратежа на ваквата надеж е улогата на индивидуата. Се поставува прашањето дали поединецот се жртвува поради „апстрактното“ општество или тоа го прави со цел да се заштити себеси, своето семејство и постарите роднини. Исто така, сведоци сме на моќта на индивидуата. Здравствените власти говорат како секој поединец е важен за успешно справување со вирусот. Сите им се восхитуваме на нашите соседи кои работат во супермаркет, болница или во полиција. А, англискиот капетан Том Мур, кој собира милионски донации за здравствениот систем, е само најнов симбол за моќта на индивидуата.Оптимизам или реализам

    Иако тачеризмот прими удар, не значи дека не е во можност да опстане како идеологија. Заклучувам дека, прво, Тачер никогаш не го оспорувала постоењето на општеството, туку била против ставот „општеството како апстракција“. Второ, државната интервенција во економијата е нужна, но досега нема индиции за нејзино задржување т.е. продлжување и во посткризниот период. И трето, улогата на индивидуата е намалена, но сепак нејзината моќ продолжува. Поединецот останува дома првенствено да се заштити себеси и своите блиски, а еден човек излезен надвор може да зарази десетици други.Многу често низ човековата историја, предуслов за долготрајна промена на општествената сцена се големи поместувања на економски план. На пример, на Рененсансата и претходеше падот на Цариград; на добата на Просветителството - Индустриската револуција. Но, економските прогнози на британската Канцеларија за буџетска одговорност (OBR) говорат за враќање кон старите економски трендови. Имено, поради карантинот, британската економија би претрпела загуби во 2020 (најмногу во вториот квартал), нагло би пораснала во третиот и четвртиот квартал од 2020 (споредбено со вториот), а веќе во 2021 би се вратила на истиот степен на раст на БДП во 2019. Така што, ако работите се вратат на старо, мал е просторот за некакви историски промени.Оттука, сите претходно изнесени аргументи и статистики водат кон ставовите на т.н. скептична струја. Според мене, многу мал е потенцијалот за некакво вртење на светот кон меѓународната социјалистичка солидарност. За крај, дури и страстниот противник на неолиберализмот Ноам Чомски гледа скептично кон една таква „блескава“ иднина. Напротив, предупредува дека и во посткризата би останале можностите за нуклеарна војна и нерешавење на климатската криза.