Не им е јасно на политичарите.

Ако  двајцата лидери на најголемите македонски партии во нешто успеаја, тоа е дека во државата не остана граѓанин кој им верува. Исклучок се  партиските играчи кои од чисто лукративни причини (лапање пари без работа), како добро наштиман хор без престанок пеат „браво шефе“.

Штабовите за пропаганда на двете партии, опиени од  успехот на дводеценискиот концепт „раздели па владеј“ продолжија со пропагандата која веќе не поминува ниту кај малите деца.

Фразата „царот е гол“ е многу експлоатирана, но во случајот на Македонија е апсолутно точна. Партиите се тотално разголени пред народот.

Секој граѓанин на Македонија денес знае дека единствен интерес на политичките водства и нивната свита е нивно лично богатење и ништо повеќе. Не постојат никакви други вредности, етика, морал, одговорност, освен голо крадење на народните пари и лично богатење. Богатење до неверојатни размери. Овој тридецениски грабеж беше прикриван со сите возможни и невозможни демократски и недемократски алатки. Во суштина се работи за стандарден модел на прикривање на криминалот, кој  првпат е применет во Америка кон крајот на 19-от век. Тоа е после донесувањето на познатиот Homestead Act od 1862 на Линколн. Накратко, се работи за група на закони кои на граѓаните им даде можност бесплатно да добијат од 60 до 360 ха земја на западот на Америка. Овој процес кој почна со добри намери за помош и поддршка на граѓаните, се преобрази во криминал од невидени размери. На крајот, најголем дел од земјиштето заврши во рацете на класични криминалци и убијци.  За да се заштити таквиот криминал, криминалците во овие ненаселени предели си поставија свои градоначалници, шерифи и судии. Потоа во новонастанатите градови отворија свои банки, свој весник и така западот на Америка за овие криминални структури стана „welcome to the paradise“, а тие, висока елита на западна Америка.

Дали ви е нешто познат овој модел. Секако ДА. Класична приказна и за Македонија. Огромна пљачка на државниот и општествениот капитал во деведесетитте. Новопечените тајкуни (поранешни комунистички директори), веднаш поставија свои началници на сите нивоа на МВР, си поставија свои судии, свои премиери, градоначалници и нивниот живот во облаците можеше да почне.

Од друга страна почна катастрофалната епопеја и страдање на македонските граѓани на секое ниво и во секоја област. Уништени компании и над 400.000 луѓе на улица. Уништено здравство. Уништено образование. Уништена култура. Уништено земјоделие. Уништено целото знаење и умеење во Македонија. Потоа се донесоа закони за квази двопартиски систем односно трипартиски (плус една албанска партија), во која лидерите на партиите имаат овластувања на класични диктатори, како во своите партии, така и во државата. Почна со срамежливо крадење на неколку милиони од буџетот на сите нивоа, за да денес стигне до вулгарно разграбување на буџетот на износи од неколку милијарди евра на годишно ниво. Се оди дотаму, што како на дивиот Запад, има точна поделба на територијата кој каде оперира. Албанците си оперираат во нивните министерства и државни претпријатија, Македонците во своите.

Само еден пример до каде е стигната работата. Се трошат 7 милиони (седум милиони)  евра за набавка за индустриска сол за фрлање по патиштата. Со тие пари може да се купат 77.000 тона индустриска сол. За ваша информација, тоа е доволно сол сите автопатишта, магистрални и регионални патишта (4.924 км) да ги посипат со сол 77 (седумдесет и седум) пати во текот на една зима. Но тоа не е сѐ. Се трошат уште додатни и 2,5 милиони евра за ангажирање на приватни фирми за зимско одржување на патиштата.  Реалниот трошок за зимско одржување на патиштата е 20% од горе наведениот износ. Разликата завршува во нечии џебови. Со тие пари може да се купат 150 амбулантни возила или да се обезбедат стипендии за 200 студенти, за комплетни студии на кој било европски факултет (компјутерска технологија, роботика…). Со тие пари може да се реши комплетно проблемот за сместување, исхрана, облека и образование на сите бездомници во Македонија и т.н.  и т.н.

Оваа е само еден мал пример до кое ниво е дојдена примената на моделот на разграбување на парите на граѓаните. На граѓаните кои живеат денес, но и на граѓаните кои сѐ уште не се родени.

Во март месец напишав дека користејќи ја состојбата со ковид-19, за една година Владата ќе ја задолжи државата до ниво од 10 милијарди евра. Како што одат работите, оваа прогноза ќе се оствари. Трагедијата да е уште поголема, парите од кредитите со кои се задолжуваме во најголем дел ќе завршат во џебовите на тајкуните и од нив поставените шерифи, судии и политичари.

Но,  народот сега знае и е свесен  за криминалот што се спроведува во нашата татковина. Тој криминал не може да се прекрие со никакви ефтини штосеви од минатото. Доказ за тоа е дека двете најголеми партии едвај собраа 600.000 луѓе да им излезат на гласање и да гласаат за нив. Денес овие партии не можат да соберат ниту 100 слободоумни луѓе на своите митинзи. Денес во секој неврзан разговор владее единствен заклучок „човече сите да одат у П.М.“ Вистината стана достапна за секој граѓанин, а тоа значи само едно – ќе има големи промени.

Тајкуните се свесни за оваа и ден поскоро ќе пробаат да промовираат „нови“ и „свежи“ ликови како некоја нова опција. За наша среќа тоа нема да помине. Граѓаните сега имаат добри алатки и можности да проверат кои се тоа „новите“ ликови, од која фамилија потекнуваат, каде учеле и какви ученици биле, каде студирале и какви студенти биле, каде работеле и дали нешто сработиле во нивната кариера, каква им е материјалната состојба и ако нешто имаат, како го заработиле. После таков „рентгенски“ преглед граѓаните ќе одлучат дали и за кого ќе гласаат.  

Во секој случај, 2021 година ќе биде година на големи промени во македонското општество. Промени за добро на граѓаните.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ne možete da kopirate sodržina na ovaa stranica žastitena od prezemanje na informacija Adminisrator™