Нема сомнение дека 2020 година беше ужасна година. Пандемијата на коронавирусот создаде нови предизвици речиси за секого и стави пауза на животот каков што го знаеме, притоа одземајќи многу животи. Како што се приближуваме кон крајот на годината, многумина се прашуваат дали 2021 ќе биде исто толку тешка година, потешка или полесна?

2021 година претставува мистерија за многу експерти, вклучувајќи ја и Сузан Хасиг, професор по епидемиологија на Универзитетот „Тулејн“. Како што вели таа, многу фактори се во игра и ќе одлучат како ќе се одвива следната година. Можни се многу сценарија и нема гаранции, но има некои предвидувања.

Животот нема да се врати во нормала дури и ако има достапна вакцина

Оваа недела слушнавме позитивни вести за напредокот во создавањето вакцина против Ковид-19. Сепак, иако вакцината би решила многу проблеми и би ја зголемила безбедноста на многумина, таа нема да биде инстантно решение.

Доктор Ричард Мартинело вели дека ќе биде потребно многу време за да се вакцинира целото население. Освен тоа, повеќето од вакцините на кои се работи во моментов се примаат во две дози, па ќе бидат потребни месеци за да се вакцинира населението. За да се спречи ширењето на вирусот, на него треба да бидат имуни околу 70% или 80% од населението. Дури и ако имаме вакцина што е ефикасна 80%, треба да се вакцинираат сите жители за 80% од нив да имаат имунитет, вели Мартинело.

За децата вакцината ќе биде достапна подоцна

Во моментов се прават истражувања за вакцини за возрасни, но првото тестирање на деца на возраст од 12 до 18 години почнало на крајот од октомври. Мајкл Леви, професор по епидемиологија на медицинскиот факултет при Универзитетот на Пенсилванија, вели дека вирусот нема да исчезне доколку се вакцинира само една група од населението.

Дистрибуцијата на вакцините може да биде комплицирана

Од почетокот на пандемијата голем дел од луѓето научија многу за јавното здравје и научните процеси. Затоа веќе знаеме дека дистрибуцијата на вакцината може да биде комплицирана. Хасиг вели дека јавноста ќе има поглед во испораката на вакцините во 2021 и ќе дознае дека овој процес има проблеми и застои. На пример, некои вакцини се чуваат во замрзнувачи кои не се достапни секаде.


Фото: Pixabay
Хасиг е загрижена за реакцијата на јавноста за овие потенцијални проблеми, а тоа може да доведе до зголемување на недовербата во здравствениот систем.

Несигурност во домувањето

Во некои земји луѓето ќе остануваат без своите домови или ќе бидат принудени да се селат поради зголемувањето на невработеноста.

На почетокот од 2021 година бројот на заразени лица нема да се намалува. Мартинело предвидува дека бројките на нови случаи ќе останат високи до мај 2021, а властите ќе мора да ги преиспитаат мерките. Тој не очекува големи промени во мерките, додавајќи дека луѓето и понатаму ќе носат маски и ќе одржуваат физичко растојание во јавност. Значи, не треба да очекуваме концертите и големите настани да станат нормала во 2021.

Според Мартинело, маските и физичкото дистанцирање ќе го намалат и ширењето на грипот и на другите респираторни вируси.

Од друга страна, Хасиг вели дека ширењето на Ковид-19 може да се забрза во текот на претстојните празници поради семејните собири. Според неа, доколку луѓето не го променат однесувањето во однос на носењето маски и физичкото дистанцирање, претстојните празници ќе бидат страшни во поглед на бројот на заболени и починати од Ковид-19.

– 2021 може да биде полоша, искрено. Пандемијата нема да заврши само затоа што ќе дојде 31 декември, а потоа 1 јануари. Овој вирус ќе биде со нас додека не го собориме, а за тоа е потребен колективен, заеднички напор, но може да се постигне.

Ne možete da kopirate sodržina na ovaa stranica žastitena od prezemanje na informacija Adminisrator™