Izvor:ФЕЈБУК СТАТУС НА Дејан Трајковски\

15.12.2020. Најновото скратување на работното време на кафеаните, за кое предвидував дека порано или подоцна ќе дојде, сепак дојде, но за жал предоцна – откако според морталитетот Македонија веќе се искачи на топ-5 светската листа според морталитет. Наместо скратувањето да беше наредено уште на крајот од септември и да не се дозволеше дивеењето на бројките на новозаразени, хоспитализирани и починати, се чекаше да дојдат последиците, за отпосле да признаат дека кафеаните се главен извор на ризик и конечно колку-толку да ги подзауздаат. Би требало да видиме извесно намалување на репродукционите броеви R0 и Rt, но колкаво ќе биде, ќе се види дури околу Нова година. Во секој случај гледаме дека секоја задоцнета реакција е рамна на отсуство на реакција.Денеска ќе го видиме ефектот на прекумерното доцнење со затворањето на активните случаи. Да се потсетиме, откако во летото нашите здравствени власти сфатија дека не можат да држат чекор со контролните тестирања, започнаа да ги затвораат случаите според нов алгоритам, врз основа на изминато време од отворањето. Неколку месеци тоа функционираше релативно добро, за да во последно време не можат ни тоа повеќе да го прават на задоволителен начин. Имено, наместо административно да ги затвораат случаите после просечно 18,5 дена, последниве денови имаме планина од заборавени случаи по општинските ЦЈЗ, кои не се раскнижени во централата, односно во ИЈЗ Скопје. Ова доцнење многу добро се забележува на дијаграмот на втората слика, од каде се гледа дека последниве денови се затвораат случаи од пред 25, наместо од пред 18-19 дена. Ова не е единствениот доказ на неажурност и површност. Секојдневно ги гледаме дневните бројки на нови и вкупно дијагностицирани случаи. Редовно има грешки во збировите на бројките, па затоа повеќе ниту ги гледам дневните, туку исклучиво вкупните бројки, па од нив ги добивам дневните. Просто неверојатна е таа аљкавост и неписменост на секое ниво, но тоа не е нешто уникатно за здравствените институции, бидејќи одамна истото го следам во образованието. Едноставно неписменоста се прелеала од училиштата и факултетите во институциите. Ни малку не се случајни и нереални резултатите од ПИСА тестирањата на знаењето на средношколците, а последиците ги трпиме на секој чекор.Да се вратиме на ефектите од овие искривени статистики. Доцнењето во затворањето на отворените случаи ги потценува бројките на оздравени, а истовремено ги преценува бројките на активни случаи. Доколку ги фрлиме во вода официјалните бројки на активни случаи и работиме со реалниот број на активни случаи, добиен како разлика на вкупните броеви на случаи во даден ден и од пред 18,5 дена (што е еднакво на 18,5 дневната кумулативна инциденца), тогаш реалниот број на активни случаи е претставен со зелената линија на фазниот портет I-T (активни наспроти вкупно случаи, на третата слика). Со други зборови, реалниот број на активни случаи денеска не е 21.711 (официјалниот број), туку само 15.137, колку што изнесуваше и прогнозата на 1 декември. Вака, наскоро во само 2-3 дена можеби ќе видиме масовно затворање на 6.000 случаи (како летоска по воведувањето на новиот алгоритам) и сите ќе се чудат на таквото нагло „оздравување“, а всушност само корекција на натрупаните грешки. Од истиот фазен портрет забележуваме и дека третиот пик бил поминат при вкупен број на случаи од 55.000 до 58.000, односно помеѓу 20 и 25 ноември.А сега, за крај најважното – ќе видиме колку е драматична состојбата со хоспитализацијата на болните. За таа цел на дијаграмот на четвртата слика, покрај кривите линии за бројките на официјално активните и хоспитализираните случаи (црвената и сината), ќе ја додадеме и кривата на реално активните случаи (портокаловата линија). Во средината на дијаграмот убаво се гледа дека летоска, од средината на јуни до крајот на август, разликата меѓу официјалниот и реалниот број (зазорот помеѓу црвената и портокаловата линија) беше многу голем, поради што привидно изгледаше како да беше напуштена речиси совршената корелација помеѓу бројот на хоспитализирани и реално активни случаи (сината и портокаловата линија). Но, вистинската драма започнува околу први октомври кога стрмиот раст на бројот на реално активни случаи (портокаловата линија) повеќе не можеше да биде следен од бројот на хоспитализираните (сината линија). Иако имаше обиди (преку пренамени на разни одделенија во ковид-одделенија) да се одговори на таа потреба, тоа едноставно никогаш не беше постигнато и јазот меѓу портокаловата и сината линија се прошируваше. Инаку, најголемиот јаз меѓу потребите и можностите беше околу 23 ноември (патем, тоа е датумот на третиот пик), кога реално недостасувале околу 1.546 постели (разликата меѓу потребните 2.900 и пополнетите 1.354 постели), што значи дека реалните потреби биле повеќе од двојно над можностите. Останатите морале да се снаоѓаат како знаат и умеат.Бројките никогаш не лажат, корелацијата меѓу активните и хоспитализираните е многу стабилна и висока. Воедно ова е вистината, без разлика колку и да се трудат нешто да ни објаснуваат и замајуваат ВФ и неговото друштво. Просто системот беше (и сé уште е) скршен. Токму затоа сега привидно изгледа како да пораснал бројот на најтешки случаи на кислородна поддршка и разни неинвазивни и инвазивни вентилации. Болниците веќе два и пол месеци не можат да одговорат на потребите, па оттука и големиот број на пациенти коишто дома се лекуваат сами, умираат и никогаш не влегуваат во официјалните статистики. Дека не влегуваат, јасно е од дневните бројки, каде 95% се официјално починати во болнички услови.Тука морам да додадам една забелешка и малку да се оградам: можно е вишокот од средно и тешко болни да се лекувале во приватните болници, а истите никогаш да не биле влезени во официјалните државни статистики. Впрочем, само 64 ковид-болни во приватните болници изгледа нереално ниска бројка, но поточна немаме.Уште една последица на лекувањето само на најтешките случаи во државните болници е огромната стапка на болнички леталитет, цели 33,1% за кои што видовме пресметка во овој дневник пред неколку дена. Доколку болниците располагаа со доволен капацитет за сите на кои што им треба хоспитализација, стапката на болнички леталитет немаше да премине 23%, односно ќе бевме точно на светскиот просек.На крај останува да се запрашаме за следното. Ако навистина имало уште 150 слободни постели, зошто тогаш не ги примиле и средно тешките случаи, а не само најтешките, што се гледа од огромниот број на пациенти на кислородна поддршка и вентилација? Понатаму, ако навистина имало вишок на постели, зар луѓето од добро седење би плаќале по најмалку 12.000 Евра за лекување во приватните болници? Или пак тие резервни 150 постели не одговараат на никакви стандарди за лекување на ковид-19 и како такви се неупотребливи, па пациентите од немајкаде се одлучуваат за лекување во приватните болници? Многуте невистини, манипулации и несериозност во последно време прават повеќе во ништо да не веруваме и да поставуваме вакви прашања. А како да ги сметаме за сериозни кога нé тераат да носиме маски на отворено, а да не носиме во затворени и натрупани кафулиња? Такви луѓе, кои од нас цело време прават будали, едноставно никој не може да ги смета за сериозни, ниту пак може да им верува или да очекува нешто корисно.

Ne možete da kopirate sodržina na ovaa stranica žastitena od prezemanje na informacija Adminisrator™