Југославија беше држава која се распадна од внатрешни причини со голема странска помош и поттикнување. Најгомеа воена сила во регионот, една од ретките кои произведуваат воени авиони и тенкови, економски стабилна, безбедна, со исклучително мала невработеност под 10%, на ниво на сегашната европска просечна стапка на невработеност од 6-7%, со бесплатно здравство и школување, со институции за градење и одржување на културниот и национален идентитет, и со граѓански слободи кои беа средина помеѓу комунизмот на исток и демократијата на запад.

Југославија беше сојуз на држави, републики, во која за прв пат се формираше современата држава Македонија, како и самостојните држави Републики Словенија, Босна и Хрватска, а Црна Гора ја поврати својата државност загубена во 1918 година. Практично, пред СФР Југославија, од шесте Републики само Србија и Црна Гора имале независни држави пред СФРЈ, и тоа во последните 500 години. Сите Републики од Југсолавија станаа самостојни држави, но и Косово кое немаше статус на Република но, по воениот конфликт во 1999 година и бомбардирањето на НАТО, и Косово прогласи самостојна држава иако не беше Република. 

Распадот на Југославија се поттикнуваше преку верски поделби и судири водени од 1991 во Словенија, па се до 2001 година во Македонија, а дури потоа национални причини за распадот. Факт е дека од Југославија, со своја еднострана одлука, први излегоа католичките држави Словенија и Хрваатска кои денес се единствени примени во Европската унија. Војни помеѓу исти верски заедници, немаше.

Но, она по што се памети Југославија со генерации е нејзината бебзедност, наука и култура, економска сила и потенцијал. Силна држава, и одговорна во која речиси и да немаше невработени а, од платата, се купуваше стан и се одеше семејно на одмор. Со фабриките и големите компании стопанисуваа и управуваа работниците.

Оние кои сакаат да зборуваат против таа Југосоавија често пати спомнуваат дека сето тоа е создадено со големи долгови кон странство. Но, фактите не зборуваат така. Последниот југословенски премер, Хрватот Анте Марковиќ, го заврши својот мандат со 22 милијарди американски долари надворешен долг. За споредба, денес Македонија има долг кој е 60% од нејзиниот БДП.

Денес, во 2020-та годоина шесте републики од СФРЈ заедно, имаат долг кон странство од неверојатни 150 милијарди долари! За разлика од Југославија, денес ниту една самостојна држава од бившите Ју републики нема издатоци за војска, полиција, инфраструктура и социјални фондови како Југославија и има три или пет пати поголеми долгови. Прашањето е, каде отидоа парите што ги имаат овие, демократски власти?.

Денес Словенија, сама, има долг од околу 48 милијарди долари! Ако се пресмета инфалцијата и куповната моќ во 1990 и во 2020 година каде тогашната и сегашната вредност на доларот се помалку од 1:2 , излегува дека Словенија сама денес има поголеми долгови отколку десет пати поголемата Југославија до 1990 година! Србија има надворешен долг околу 30 милијарди долари, Македонија околу 9 милијарди долари, Црна Гора околу 8, Босна околу 5 милијарди, а Хрватска како и Словенија има околу 49 милијарди долари долг.

Денес, освен Словенија, ниту една државата од Хрватска до Македонија нема подобар стандард, поголема безбедност, стабилно и бесплатно здравство, а особено нема инвестиции и економски капитал поголем отколку во времето на Југославија. Невработеноста кај сите нив, освен во Словенија (8%), е поголема од југословенското време.

Во поранешна Југославија се произведуваше скоро сè, „од игла до локомотива“, буквално. Југословеснските фабрики правеле авиони, бродови, автомобили, камиони, оружје, дури и компјутери во тоа време. Секако имаше и регионално значајни компании кои произведуваа храна, облека и секакви други потреби, но најмногу од нив веќе не постојат, најчесто намерно фрлани во банкрот за новосоздадените олигарси во демократијата да ги купат за мали пари и да ги избркаат работниците. Олигарсите потоа и денес станаа власт, а политичарите нивни соработници.

Со цел да се потсетиме на тие времиња, направена е мапа на сите поголеми компании што постоеја во денешна Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Словенија и Црна Гора. Мапата наскоро стана вирална, па е објавена на социјалните мрежи и од граѓани и од разни медиуми.

За денешни услови и еконосмки развој таа мапа на големи југословенски компании со регионалмо значење, а и пошироко, изгледа како сон за властите на сегашните демократски држави кои произлегоа од распадот на Југославија. Сите тие гиганти вработуваа од 1.000 до 30.000 вработени во некои од тие фабрики и компании! Денес, вест на месецот е ако се отвори фабрика со 500-1000 вработени.

Во Босна и Херцеговина, ТАС го произведуваше популарниот Голф на Фолксваген, но и Фолксваген Буба во тогашниот УНИС. Фабриката за мотори во Сараево е уште еден од гигантите чијашто фабрика беше украдена и уништена за време и по војната. Во Вогошќа, покрај ТАС, имаше и фирма Претис, лидер на наменската воена индустрија во Босна, каде што се произведуваше муниција.

ФАС 11 Октомври од Скопје произведуваше автобуси, како и Икарус од Панчево. ФАП од Прибој и ТАМ од Марибор произведоа тешки и стандардни камиони, а лесни транспортери излегуваа од Застава во Крагуевац. Застава произведуваше приближно 200.000 автомобили годишно. Автомобили произведуваа и ИМВ од Ново Место од каде излегуваа Рено модели, како и Цимос кој произведуваше за Цитроен и Опел во ИДА Кикинда.

Само 9 држави, во светот, во тоа време, имаа производство на свои воени авиони и тенкови, Југославија беше една од тие девет. 

Соко Мостар беше гордост на воената авиоиндустрија, чие производство беше исто така во БиХ, а имаше и државна фабрика за авиони во Краљево. Фабриката за вагони беше во Славонски Брод, а во Хрватска, со оглед на пристапот до морето, имаше најмногу бродоградилишта. Уште едно градилиште на бродови беше во Црна Гора, но и во Србија. Бродоградилиштата во Хрватска – Уљаник во Пула и 3 мај во Риека беа на светско ниво и произведуваа најголеми прекуокеански бродови за странски клиенти.

Југославија беше една од само петте земји во Европа кои имаше свои компјутери, најпознат веројатно беше Галакси, а првиот компјутер произведен беше CER-10. Искра во Словенија и Дигитрон во Истра (во Бује) започнаа да произведуваат компјутери паралелно со светските почетоци, во раните осумдесетти години

Фабриките Обод, Цер, словенечките Горење и Искра, Руди Чајавец, ЕИ Ниш произведуваа електрични уреди, телевизори, радија, грамофони, касети и фрижидери…, а Борац од Белград произведуваше и машини за еспресо. Во Македонија, во Битола се произведуваа Фрижидери Кончар, делови за автомобили, а Македонија со Астибо, Тетекс, Битолатекс, Готекс, Македонка Штип, Отекс… беше трета во Југославија според капацитети на производство во текстилната индустрија. Само во наголемите македонски текстилни фабрики беа вработени околу 30.000 луѓе, дополнително во уште десеттина помали фирми. 

Југословенските текстилци работеа за Леви Штраус (Вартекс), за Адидас (Метлика), Босс (Крагујевац), Пума (Борово), Вранглер се произведуваше во Македонија… Подравка, со својата Вегета, покриваше дури 20% од вкупното светско производство на тој вид зачин. 

Југославија ги имаше најдобрите и најголеми градежни компании од Истанбул до Виена, кои имаа од 5 до 20.000 вработени, и градеа низ Европа, во СССР, на Блискиот исток, во Африка… Македонските градежници од Пелагонија, Бетон, Илинден, Гранит… вработуваа заедно над 20.000 луѓе и беа битен дел од тој југословенски градежен гигант.

ЕИ Ниш беше еден од најдобрите светски производители на лампи за радио и ТВ приемници (ги инсталираше и Филипс) и започна со производство на ТВ приемници во боја пред јапонскиот Сони… А ова се само некои од битните фабрики што постоеја во Југославија, и тоа мал дел, а беа од светски ранг. 

За да знаат денешните генерации како Југославија се грижеше за своите работници: големите фирми, секако и во Македонија, имаа свои амбуланти, библиотеки и градинки за грижа на вработените и нивните деца. Солидарни фондови од кои се плаќаше за сложени лекувања, стипендии, помош од пожари или несреќи кои се случиле на некој од нивните работници. Ефтин одмор на море, бања, езеро или планина беше достапен за најголем дел од работниците затоа што големите фирми имаа свои одмаралишта или закупи за таа намена.

Долг е списиокот за макар површен опис на економскиот и социјален потенцијал на Југославија и за една книга, а уште помалку можен во новинарска тема но, и ова е доволно да се добие претстава за состојбите. Накусо, шесте Републики создадоа нови шест (плус Косово) класи политичка елита која за себе обезбеди богат живот и привилегии но, за жал, не успеа да создаде и остави зад себе ни четвртина од она што беше изградено, произведувано, обезбедено за децата, болните, пензионерите, работниците, селаните, учениците и студентите… што го можеше Југославија. А од 1990. до сега поминаа – 30 години.

Југославија имаше нобеловци, светски и европски шампиони во низа спортови, научни институти од европски ранг… Денес, некогашните југословени се славни само во црната хроника.

Што ќе напише некоја идна генерација за економските, безбедносни и социјалани успеси на државите кои произлегоа од распадот на поранешна Југославија? Спискот, за овие 30 години, ќе биде мал. 

Правевме војни, убиства, уривавме, крадевме и препродаваме цели фабрики, делевме милиони откази, уништивме институции за култура, уметност и наука… затоа да не се носеле одлуките во Белград каде имавме, сите шест, свои равноправни претставници. Која важна државна одлука, денес, се носи самостојно во Скопје, Белград, Загреб, Подгорица, Сарајево или Љубљана?!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ne možete da kopirate sodržina na ovaa stranica žastitena od prezemanje na informacija Adminisrator™