Дефиницијата за „самохран родител“ и немањето Регистер за овие лица ги усложни мерките на државата, додека од ресорното Министерство велат дека фокусот е ставен на самохраните родители во социјален ризик

Старите проблеми, за кои со години алармираат самохраните родители, сред коронакризата повторно дојдоа до израз. „Пак сме препуштени сами на себе да се снаоѓаме како умееме“, велат дел од нив, коментирајќи ги мерките на власта што ги таргетираат еднородителските семејства за време на пандемијата. И можноста за отсуство од работа, како и еднократната парична помош од 6.000 денари од четвртиот пакет економски мерки, директно зависат од дефиницијата на Министерството за труд и социјална политика за поимот „самохран родител“.

Додека многумина обвинуваат дека со неа е опфатен тесен круг на родители што сами се грижат за своите деца, од Министерството потсетуваат дека согласно законските одредби, како самохран родител се смета родител кој сам ги врши родителските права и должности за детето, поради тоа што другиот родител е непознат, починат, исчезнат или од оправдани причини привремено или трајно не ги извршува родителските права и должности.

Разведените не влегуваат во категоријата самохрани родители

Според претставници на невладините организации, голем број категории на самохрани родители со дефиницијата се изоставени, меѓу кои и разведените, особено што постојат стотици случаи кога поранешните брачни партнери не ја исплаќаат предвидената алиментација, а судските случаи може да траат и со години.

– За жал, со еднократната парична помош беа опфатени многу мал број на самохрани родители. Во големата група на самохрани родители има неколку подгрупи, а во нашата организација имаме детектирано осум такви подгрупи на еднородителски семејства, додека со мерката беа опфатени само две. Континуирано бараме промена на дефиницијата, бидејќи сите државни мерки, како и овие што сега се во оптег, се повикуваат на таа дефиниција, во која се вклучени двете категории на еднородителски семејства, а токму овие две категории се и најмалку бројните, вели Дороти Пачкова, претседателката на невладината организација „Една може“.

И од Здружението на самохрани родители на Град Скопје бараат промена на дефиницијата, а нудат и законски решенија како да се надминат проблемите со кои се соочуваат овие лица.

– Бараме формирање на Државен алиментационен фонд, преку кој, ако повеќе од три месеци алиментаторот доцни со исплата на алиментацијата, од фондот ќе се исплаќаат средства на самохраниот родител кому се доделени децата, а потоа овој Фонд , низ механизми на запирање на процент од личен доход или со ангажирање на општествено подобна работа, комунална хигиена и сл., го ангажира работно алиментаторот ако не е вработен и од тој доход со одреден процент си ги рефундира средствата, порачува претседателката на здружението, Мирјана Шокаровска, додавајќи дека поради финансиски причини самохраните родители често не поведуваат постапка за остварување на своите права пред судовите.

Но, и оние на кои им следува еднократната парична помош имаа низа потешкотии да аплицираат за овие средства. Дел од документите кои требаа да ги обезбедат заедно со пријавата во Центрите за социјална работа, се извод од родени на детето, како и извод од родителот или пак посмртница. Проблемот овојпат пристигна од роковите, односно седумте дена за аплицирање, со оглед на фактот што за вадење на овие документи во Управата за водење на матични книги се чека и по десет работни дена. Но, дел од родителите велат дека наишле на разбирање кај вработените во центрите кои им ветиле дека ќе ги почекаат.

https://youtube.com/watch?v=JOF_I_wAd-o%3Ffeature%3Doembed

Потребен е Регистар на самохрани родители

Упатените во проблематиката велат дека ваквите прашања одамна би биле надминати доколку државните власти би ги послушале нивните повици за изготвување на Регистер на самохрани родители.

– Многу сме среќни што од оваа година и Европската комисија тоа го препорачува. Сега не го зборува тоа само некоја експертска граѓанска организација која детектирала проблем. Сега на цел глас го зборува ова и Европа. Ни треба посебен архив каде ќе бидат легитимирани самохраните родители како такви и каде ќе можеме да ги таргетираме предизвиците, вели Дороти Пачкова.

– Иницираме воведување на графа за статус на самохран родител и основ за овој статус низ јасно детерминираните услови: починат брачен партнер, разведена брачна заедница, старателство по прво колено (баба /дедо на внучиња чии родители починале), вонбрачно родена рожба, стекнато старателство, во првиот и секој следен попис на населението, со забелешка „ad libitum“ за пополнување, информира Мирјана Шокаровска.

Додека и од двете организации предупредуваат дека се повеќе еднородителски семејства за време на коронакризата се во социјален ризик, од Министерството посочуваат дека семејство со самохран родител, доколку не е во социјален ризик и не ги исполнува условите за користење на право, нема основ по кој би било тоа семејство во системот на социјална заштита. Оттаму потсетуваат дека акцентот го ставиле токму на еднородителските семејства во социјален ризик, односно дека им помогнале на 390 еднородителски семејства приматели на права од социјална заштита за кои се обезбедени пакети со храна и пакети со хигиенски средства заради полесно справување и заштита во услови на пандемија, покрај помошта што ја нудат заедно со Црвениот крст.

– Сите лица кои се во социјален ризик меѓу кои се е самохраните родители согласно Законот за социјална заштита, се опфатени во системот на социјалната заштита преку остварување на конкретни правa со цел обезбедување на помош и поддршка за надминување на социјалниот проблем во кој се наоѓаат. Во наредниот период како една од главните цели на реформата на системот на социјална заштита е развој на социјалните услуги на локално ниво на  начин што се воведува плурализација и децентрализација  на социјалните услуги и истите се овозможува да бидат поблиску до граѓаните, вели за „Слободен печат“, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Локалната власт се вклучи во помошта

– Општина Карпош во летниот период одобри 90 барања за доделување на еднократна социјална помош, од кои 72 беа на самохрани родители. Исто така, организиравме и акција за донирање на социјални пакети (со храна и средства за хигиена) за ранливите домаќинства. Во оваа акција ни се приклучија и повеќе општествено-одговорни компании, поголеми маркети, кои донираа храна и трајни продукти за граѓаните во социјален ризик, информираат од Општината.

Сепак, самохраните родители апелираат да престане, како што велат, игнорантскиот однос на државните институции кон оваа категорија на граѓани.

Црногорските власти со ограничувања кој е подобен за платеното отсуство

Единствената мерка во Црна Гора, која се однесуваше на родителите, а со самото тоа и на самохраните, беше платеното отсуство поради грижа за дете помало од 11 години, во периодот кога не функционираше наставата во училиштата и градинките. Наредбаta со која ова се овозможи, не се однесува на вработените во здравството, полицијата, комуналните дејности… Кога е во прашање реалниот, приватен сектор, многу родители не успеаја да го искористат ова право поради страв од отказ. Меѓутоа, имаше и такви кои одлучија да ги искористат законските механизми и ги пријавија работодавците.„Во период на пандемијата од коронавирусот има десетина пријави во врска со ускратување на правото за платено отсуство на еден од родителите на дете помладо од 11 години. По сите пријави веднаш е постапено и е наложено на работодавачот да се овозможи користење на ова право на секој подносител на пријава која била основана. Но, поднесени беа и неколку неосновани пријави на вработени во дејностите што се исклучени од користењето на ова право, односно чија континуирана работа е неопходна за времетраењето на пропишаните мерки (здравство, комунални дејности…)“, велат од црногорската Управа за инспекциски работи, пишува новинарката Тина Поповиќ од црногорскиот весник „Вијести“.

Ne možete da kopirate sodržina na ovaa stranica žastitena od prezemanje na informacija Adminisrator™