17.07.2021. Денеска е 500-тиот ден од епидемијата на ковид-19 во Македонија, според бројот на дневните извештаи од ИЈЗ Скопје. Зад себе оставивме три брана и сега сме одново на почеток.
После наглото истрелување нагоре на ефективниот реподукциски број Rt, којшто ни претставува мерило на преносливоста на вирусот и мерило на забрзувањето на дневните броеви на нови случаи (на дијаграмот на првата слика), забележуваме извесно намалување, но истиот е сé уште над единица, односно дневните броеви во просек продолжуваат да растат. Оваа вредност на Rt е за речиси 90% повисока од 0,70, вредноста што ја имавме пред доаѓањето на Делта сојот во земјава. Оваа вредност во наредните недели веројатно ќе се намалува и ќе се приближува до единица, но малку веројатно е дека ќе се спушти под неа, како што Делта сојот ќе се прелева во сите општини, односно ќе влеземе во есента со доволен број дневни новозаразувања за да стартува есенскиот бран кон крајот на септември или почетокот на октомври.
На дијаграмот на втората слика забележуваме дека минимумот е зад нас (порано зборувавме за максимуми), па иако сé уште се наоѓаме во зоната на спорадично заразување, односно првиот степен на ризик од ширење на епидемијата (според ECDC), на преминот од јули во август 14-дневната инциденца ќе го пресече нивото од 20 случаи за 14 дена на 100.000 жители, со што би влегле во вториот, умерен степен на ризик. Тоа нам ќе ни изгледа како мала бројка, бидејќи здравствените власти успеаја да нé истренираат да прифатиме за нормална и 14-дневна инциденца од преку 1.000 на 100.000 жители. Сепак, трендот е јасно нагорен, па дури и да останеме во вториот степен на ризик, ќе знаеме што следи наесен.
На сите оние коишто мислеа дека имаме доволна прележаност за спречување на нов бран, уште отсега, среде лето и намалена преносливост, еве им доказ дека не е така. Наесен доказот ќе биде уште поочигледен. Просто неверојатно е со каква лежерност сите се однесуваат кон претстојниот бран, како населението, така и здравствените власти. Мудро го одмолчија влегувањето на Делта сојот поради незаинтересираност и непреземање мерки на границите, како тоа воопшто да не е нивна работа. Ќе молчат и понатаму, само ќе гледаат дали има доволно слободни болнички постели, веќе знаеме дека ништо друго не им е важно.
Веќе отсега се гледаат контурите на разврската на корона кризата во Македонија. Ќе се дозволи уште еден неконтролиран есенски бран, последниот јуриш на епидемијата, при што ќе прележат и тие коишто до сега не прележале и не се вакцинирале (нивниот број не е мал), ќе умрат тие коишто немале среќа (односно коишто не верувале во вакцините), па до Нова година веќе би требало да впловиме во помирни води. Со 80%-85% прележани и вакцинирани дури и да пристигне некаков нов, уште позаразен сој од Делта сојот, просторот за ширење ќе биде многу стеснет. Ова под услов да не се појави толку лош сој на вирусот, којшто би бил отпорен на досегашните вакцини (што не би било изненадување, затоа што тој вирус што би издржал во телото на вакцинираните би бил природно селектиран и отпорен на постоечките вакцини). Доколку пак не се појави таков супер-мутант, сите ние во телата веќе би имале мемориски Б-клетки коишто го запознале вирусот, па дури и со избледен антителен имунитет многу полесно би ги пребродувале идните инфекции. Но, тој што сака да се заштити дури и од самата инфекција, би требало периодично да се ревакцинира (на пример секоја есен) за да го поткрева титарот на антителата.
Предалеку сме од таа точка на разврска, па во овој момент сé уште ни стои задачата за масовно вакцинирање - како на непрележаните, така и на прележаните за да го поткренат титарот на антителата (до стократно!).
Да ги разгледаме накратко дијаграмите на третата и четвртата слика. Дијаграмот на третата слика кажува дека бројот на нови случаи расте како што расте стапката на позитивни тестови, што претставува индикатор на ширењето на вирусот во популацијата, колку и да е мало тоа ширење засега. Доколку бројот на нови случаи се зголемуваше само заради зголемениот број на тестирања (како што нé убедуваа деновиве), стапката на позитивни тестови би била приближно константна, но очигледно не е така. Чудно е зошто упорно се потценуваат ризиците и на тој начин граѓаните се охрабруваат на ризично однесување, наместо да ги прикажат реално работите, па ако треба и малку отповеќе да ги шокираат граѓаните, па да започнат да се однесуваат малку попретпазливо. Чудна е и оваа желба толку масовно да се патува преку граница среде пандемија и среде ширење на нов сој. Но, да имало повеќе разум не ќе стигневме до тука до каде што стигнавме.
Конечно, на четвртиот дијаграм гледаме дека и бројот на активни случаи започнува да расте, како што расте вкупниот број на заразени, при намален број на оздравени. Таа линија само ќе продолжи да расте со истиот наклон, се до наредниот врв некаде доцна наесен.
Секој бран на почетокот изгледа како планина, затоа што подножјето е ниско, а врвот не можеме да го видиме.